Четири италијански аеродроми: Болоња, Милано Линате, Тревизо и Венеција – се соочуваат со можни ограничувања во снабдувањето со гориво за авиони поради проблеми со испораката од клучниот добавувач Air BP Italia.
Во известувањето за авијација објавено во саботата се вели дека -Услугите за полнење гориво за авиокомпаниите кои имаат договор со Air BP Italia може да бидат ограничени поради намалена достапност на гориво, стои во известувањето за авијацијата објавено вчера, а пишува Politico.
Италијанската новинска агенција ANSA објави дека Air BP Italia, подружница на британскиот нафтен гигант BP, ги информирала авиокомпаниите дека итни медицински и владини летови и летови што траат повеќе од три часа ќе имаат приоритет за снабдување. Другите летови би можеле да се соочат со ограничувања најмалку до 9 април.
Данило Речине, потпретседател на италијанскиот синдикат на пилоти ANPAC, изјави за Sky TG24 дека ситуацијата не треба да предизвика откажувања на летови за време на велигденскиот викенд. Сепак, тој предупреди дека проблемот ќе стане реален ако не се најде решение за блокадата на Ормутскиот теснец.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони е во посета на земјите од Персискиот Залив и изјави дека ќе направи сè за да ѝ гарантира на Италија пристап до енергетските ресурси што ѝ се потребни.
Недостатокот на горива би можел да влијае и на другите европски аеродроми. Лондонскиот аеродром Хитроу и другите аеродроми во Обединетото Кралство се меѓу најранливите, каде што веќе се регистрирани прекини во сообраќајот поврзани со горивата. Проблемите би можеле да влијаат на други големи европски центри, како што се оние во Франција и Португалија.