Земјоделците од министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на вчерашната трибина побараа да им ги исплати ветените субвенции, како и субвенциите да ги даваат според тоа кој колку произвел, а не по хектар. На видеата кои на социјалните мрежи ги објави Здржуението на земјоделци „Зелена Берза“ од вчерашната трибина што ја организираше токму Мнистерството, дел од земјоделците му забележуваат дека програмата за субвенции не е добра, бидејќи имаат проблем да ја добијат потребната помош.
Еден од присутните му се обраќа на министерот со зборовите:
– Не давјате субвенции по хектар, бидејќи ние не моеме да ја добиеме таа помош. Јас изнајмувам нива и му плаќам кирија на газдата, Тој не ми дава договор дека нивата ми е под наем. Јас ја обработувам и произведувам, а тој ништо не произведува и зема субвенции за нафта. Ако сум произвел и предал 200 тона, дај ми субвенции за произведеното и предаденото, а не по хектар.
Друг земјоделец го обвини Трипуновски дека иако им ветил не им ги исплатил субвенциите и дека сточарите останале без субвенциите.
-Имате пари да ги исплатите сточарите!? Ако немате кажете дека немате не се срами, нема душата да ви ја земеме, те чекаме цела година. Кога ќе бидеме исплатени за грло, го прашаа земјоделците Трипуновски, и му порачаа дека програмата не ја подржуаат и чекаат негова смена за еден месец.
Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство пак денес излезе со соопштение дека вчерашната трибина која што се одржа во општина Битола, во рамките на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, поминала во конструктивна атмосфера
-Земјоделците на трибината поставија низа прашања, на истите беше одговорено, што и ja претставува суштината на оваа кампања. Целта на трибината е директен дијалог и слушање на реалните потреби на македонските земјоделци. Воедно, сакаме да истакнеме дека однесувањето на одредени поединци и однапред смисленото сценарио говори исклучиво за нив самите. Апелираме информациите да се пренесуваат објективно, без генерализација која не ја отсликува реалната слика од вчерашната трибина, стои во соопштението од МЗШВ.