СДСМ: Економските политики на Мицкоски доведоа 1500 лица да останат без работа во изминатиот период

СДСМ тврди дека отпуштања имало и во други компании, меѓу кои и во „Бехтел и Енка“, како и во фирми во ТИРЗ зоните каде, како што велат, биле затворени погони

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Фејсбук

СДСМ обвини дека економските политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски довеле до масовни отпуштања и влошување на економската состојба на граѓаните. Според партијата, во изминатиот период без работа останале над 1.500 лица, што, како што наведуваат, претставува сериозен удар врз илјадници семејства. Посочуваат дека само минатата недела компанијата „Артекс“ од Кочани престанала со работа, при што околу 100 текстилни работници останале без работа и неисплатени плати.

СДСМ тврди дека отпуштања имало и во други компании, меѓу кои и во „Бехтел и Енка“, како и во фирми во ТИРЗ зоните каде, како што велат, биле затворени погони. Во Штип, според нив, затворени се четири конфекции, меѓу кои „Елит Фешн“ и „Мода Ексклузив“, со над 110 отпуштени работници, додека во Куманово околу 180 лица останале без работа поради затворање на чевларски погони.

Дополнително, од партијата наведуваат дека со повлекувањето на странски инвестиции, како што е „Aptiv“, изгубени се меѓу 500 и 600 работни места, додека „Lear“ и „Dura“, според нив, отпуштиле уште околу 300 работници. Во металуршкиот сектор, пак, над 400 работници биле испратени на принуден одмор, а дел од нив и трајно отпуштени.

Од СДСМ сметаат дека владините мерки за намалување на цените на дериватите се задоцнети. Според партијата, кризата на Блискиот Исток веќе има влијание врз цените на прехранбените производи. Во вторник на собраниска седница треба да се најдат предлог законите на опозициската партија со кои се бара намалување на ДДВ-то на дериватите на 5 проценти и нула акциза.