Очајот на Мициленд: Корења и скопска иницијатива

„Метафорично кажано, мицињата вработија „и шуто и рогато“ и „од чистачка до директор“, да ги употребиме славните изјави на Заев кои мицињата, ете, ги претворија во реалност. За тоа време, сите други, ние, обичниот народ, класата на не-мициња, ќе работиме во приватниот сектор и во услови слични на првобитниот капитализам“

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Архива

Ако Македонија одлучила да се самоуништи преку северна а потоа и преку мициленд тука веќе ништо не може да се стори. А според се, мициленд (порано Македонија, денес позната како Северна Македонија) решително се движи кон свое потполно самоуништување, забрзано чекори кон својата финална пропаст. Повеќе нема буквално ниту една основа врз која е можно да се изгради каква-таква надеж за мициленд, како последна форма на постоење на Македонија. Освен агонија по сите линии на животот (економски, општествени, политички) повеќе нема ништо и ќе нема ништо овде. До пред десетина години сеуште имаше надеж – до пред шарената револуција која со последиците ги поништи објективните позитивни можности за Македонија – а денес веќе има само големо ништо исполнето со духовен очај и материјална беда во најсиромашната земја на Балканот и Европа.

Двата големи и всушност единствени процеси во мициленд се очајни – од една страна корења, од друга опсесивна желба за нова шарена револуција, овојпат регионална, западно-балканска. А и едното и другото е докрај отворање на портите на пеколот за обичниот Македонски народ и сите граѓани кои ја имаат таа несреќа да живеат на територијата на мициленд. Ниту едниот ниту другиот мега тренд воопшто не дават перспектива, туку само – очај.

ЗА НАРОДОТ КОРЕЊА, ЗА МИЦИЊАТА МАНГО И ПАПАЈА

После изјавата на оној што за жал е премиер во мициленд, паднаа маските и ни остана свирепата реалност – на народот мора да му биде јасно: ние (народот) корења ќе јадеме, а тие (мицињата,  владејачката класа) манго и папаја, со наши, буџетски пари. Значи, мицињата буџетари ќе се гоштеваат со манго и папаја а народот ќе јаде корења! Не е фер тоа. Ако страдаме во име на фантазмагорична „недопрена“ историја, тогаш подеднакво да страдаме, а не само ние, обичниот народ, класата на не-мициња.

Класата на не-мициња, тоа сме сите ние кои не сме мициња. Со сите научно дефинирани карактеристики на класа во првобитниот капиталистички систем по мерка на класата на мициња  во кои припаѓаат и таканаречените бизнисмени, тајкуни, милионери и секакви пезевенци профитери со највисоки профитни маржи во Европа и светот.

Во стриктно економска смисла, класата на мицињата се буџетарите – речиси сите мициња се буџетари, а институциите на системот во таквата квази-држава всушност се претворени во приватна компанија на мициња, како најголем работодавец (околу 200 000 вработени), и која приватна компанија својот капитал го стекнува секој ден од нас, класата на не-мициња, преку високите даноци, драконски високи парични казни и сите други облици на полнење на својот буџет преку репресивниот апарат. Практично единствен критериум за вработување во таа компанија наречена државен буџет е полтронство и слепа послушност кон менаџментот (лидер-шипот) на таа приватна компанија. Метафорично кажано, мицињата вработија „и шуто и рогато“ и „од чистачка до директор“, да ги употребиме славните изјави на Заев кои мицињата, ете, ги претворија во реалност. За тоа време, сите други, ние, обичниот народ, класата на не-мициња, ќе работиме во приватниот сектор и во услови слични на првобитниот капитализам, дополнето со рестриктивен даночен режим и репресивен систем на институции кои го штитат профитот на мицињата. И повеќе е неодржлив молкот на нас, класата на не-мициња, пред константното, секојдневно богатење на класата на мицињата, владејачката класа во мициленд, со нашата пот! Затоа, во ова време-невреме се чини дека единствен начин за политичко, економско и општествено ослободување од злото наречено мициленд, за ослободување од тиранијата и ропството е – класна борба против мицињата. Таа борба за ослободување, таа класна (ненасилна, се разбира) револуција во ист миг може да биде и борба за национално ослободување од емпириски верификувано анти-државните и анти-македонски елементи во системот. Класата на не-мициња денес во мициленд е (потенцијално) единствениот политички, економски и општествен субјект што  може да го победи мициленд и со тоа ја врати Македонија!

СКОПСКАТА ИНИЦИЈАТИВА НА СДСМ – ИНИЦИЈАТИВА НА БАЛКАНСКИ ПОЛИТИЧКИ ГУБИТНИЦИ И ПУСТА ЖЕЛБА ЗА НОВА ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА

Вториот голем тренд во мициленд е разработениот план на, барем сеуште, најголемата политичка партија која декларативно е против режимот, како тие да дојдат на власт. Планот е таканаречената „скопска иницијатива“ за регионално здружување на партии од различни држави во единствен, заеднички фронт против, како што тоа е наведено во нивно партиско официјално соопштение  „авторитарни режими, борба со корупција и европска интеграција на регионот, бидејќи очигледно е дека сите се соочуваме со истиот предизвик“ (цитирано според – sdsm.org.mk/pres-konferencii/108252).

Да не беше опасно, ќе беше смешно. Имено, Сдсм, кои спаднаа на тоа дереџе со нив да се потсмеваат секакви квази-медиумски циркузанти, изгледа дека се сериозни во планот да дојдат на власт преку, верувале или не, „надградена и проширена“ верзија на (нова) шарена револуција, после десетина години од првата после која ние, Македонскиот народ, останавме без име и идентитет, со избришана античка историја и со двојазичност. Башка што денес сме 2026 а не 2015/2016 година, тие од Сдсм забораваат на најбитниот факт во мициленд денес – дека на власт се мицињата а не демократската и толерантна власт на Вмро-дпмне од тоа време кое како објект на желба сакаат да го вратат. На западниот Балкан целосно нурнат во историја и во време кога се повампируваат јасеновац и олуја, Македонските социјалдемократи ќе ги здружувале социјалдемократите (од западниот Балкан) во заеднички фронт, просто неверојатно. Такво отворено мешање во внатрешните работи на суверени држави ќе донесе големи и реални проблеми кога истите тие држави ќе реагираат сосема легитимно на таквиот обид за здружена западно-балканска шарена револуција, предводени од Сдсм во мициленд. Освен тоа, актуелниот Балкански тренд на анти-српство се чини дека е отворениот бекграунд на оваа „скопска иницијатива“; како што тргнале тие таму од „бихаќка“ во паметот богами ништо чудно и да побараат вклучување во анти-српскиот воен сојуз меѓу Албанија, протекторатот косово и метохија, и Хрватска.

ОЧАЈОТ НА МИЦИЛЕНД

Тоа е очајот на мициленд, денес и утре. Корења за народот, манго и папаја за владејачката класа во мициленд (класата на мицињата) и опсесија на опозицијата за нова шарена револуција. Од лошо – полошо. Ако некогаш и имало Македонски трансцендентен, трансисториски Логос, повеќе го нема.

Нас веќе, на не-мицињата, ниту Господ не може да ни помогне.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.