За работниците од марихуана плантажите ли зборуваат, рече премиерот на обвинувањата од СДСМ дека 1.500 луѓе останале без работа поради лошите владини политики

СДСМ утрово соопшти дека во изминатиот период без работа останале над двеста текстилни работнички, околу двеста чевларски работници, како и шестотини работници во странски компании во земјава

од Vladimir Zorba
43 прегледи Фото: Локално

„Не заслужуваат да ги коментирам“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на обвинувањето од опозицијата дека како резултат на лошите политики на Владата во изминатиот период 1.500 работници останале без работа.

-Би сакал да престанам да ја коментирам опозицијата. бидејќи тоа што тие го зборуваат не заслужуваа никаков коментар но бидејќи ми поставувате вакво прашање, би сакал да кажам дека оваа влада креираше 15 илјади нови работни места и тоа може да го видите од извештаите на Државниот завод за статистика, изјави премиерот на прашање на „Локално“.

СДСМ пак утрово излезе со податок дека 1.500 работници останале без работа, како резултат на лошите владини политики. При тоа го споменаа минатонеделниот случај кога компанијата  „Артекс“ од Кочани престана со работа, а стотина текстилни работници и работнички останаа на улица, без работа и без исплатени  плати.

-Пред само неколку недели, македонски работници беа отпуштени од „Бехтел и Енка“. Во ТИРЗ зоните, повеќе компании ги затворија погоните, оставајќи стотици семејства без приходи. Во Штип беа затворени 4 конфекции, меѓу кои „Елит Фешн“ и „Мода Ексклузив“, со над 110 отпуштени работници. Во Куманово, затворањето на чевларски погони остави 180 луѓе без работа. Најголемиот удар дојде од повлекувањето на странските инвестиции, „Aptiv“ се повлече – изгубени се 500 до 600 работни места. „Lear“ и „Dura“ преку тивки кратења отпуштија уште 300 работници. Дополнително, во металургијата, над 400 работници беа оставени на принудни одмори, а дел од нив трајно отпуштени. Бројот на работници во индустријата во февруари годинава е намален за 3,4% во однос на лани како директен резултат на неспособноста на владата на Мицкоски,  стои во соопштението на СДСМ.

Премиерот во одговорот на прашањето на „Локално“ како ќе ги коментира овие изјави од СДСМ, рече дека статистката покажува дека креирале нови работни места, и дека можеби опозицијата има некоја паралелна статистика.

-Можеби тоа се разботниците од оние криминални плантажи со марихуана, кои тие ги донесоа и им се дел од онаа марихуана бизнисот во Македонија. Но јас такви не гледам. Да, точно е дека десетици ги изгубија дозволите и неколку тони марихуана се конфискувани, но не е точно дека толку луѓе од тие плантажи останале без работа . Ако мислат на тоа. Ако мислат на нешто друго, јас може да се повикам на државниот завод за статистика за една година бројката на вработени достигна околу 710.000, не ме фаќајте точно за збор, а бројот на невработени под 90 илјади и ако се тргне онаа неформална економија, сега имаме број на невработени помалку од два триесет илјади. Така што, тоа е вистината и не заслужуваат да ги коментирам, изјави Мицкоски.

Е.Б.