Касами ветува дека студентите ќе полагаат правосуден испит на албански јазик

„Милионерската елита на поранешната влада, која се обиде да се прошверцува во првите редови на чистата студентска кауза, денес доживеа катастрофален неуспех“, соопшти еден од лидерите на ВЛЕН, обвинувајќи ги пратениците од ДУИ

од Nikola Popovski
178 прегледи Фото: Фејсбук/Биљал Касами

Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами им честиташе на студентите за денешниот организиран протест, ветувајќи дека прашањето за правосудството ќе биде решено и испитот ќе се полага на албански јазик.

„Им честитам на студентите за достоинствениот протест и високата граѓанска свест што ја покажаа денес.

Нивното барање е фер и, како што ви ветив на нашата прва средба, ќе го решиме ова прашање. За прв пат од независноста на државата, правосудниот испит ќе се одржи и на албански јазик.

Милионерската елита на поранешната влада, која се обиде да се прошверцува во првите редови на чистата студентска кауза, денес доживеа катастрофален неуспех. Овој народ добро ги познава. Нивната лукавост не поминува“, стои во објавата на Касами на социјалните мрежи.

Денеска, со почеток во 12:30 часот, се организираше протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит. Протестот започна од пред плоштадот „Карпошово востание“, па улицата „11-ти Март“ преку Камени мост, продолжи по улицата „Никола Вапцаров“ и заврши на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерство за правда. Меѓу албанските и американските знамиња, на денешниот протест во центарот на Скопје, немаше ниту едно македонско знаме.

„Не го допирајте Законот за јазиците!“, беше една од пораките на протестот, проследена со скандирања за одговорност и оставки, меѓу која и оставка од министерот за правда, Игор Филков.

На протестниот марш се скандираше и „УЧК, УЧК“.