Министерството за правда го почитува правото на протест како едно од темелните демократски права на секој граѓанин. Од институцијата за денешниот протест на студентите Албанци велат дека слободното изразување на ставови и иницијативи преку јавни собири претставува значаен сегмент од демократското општество и придонесува кон унапредување на јавниот дијалог.
-Сепак, со жалење констатираме дека денешниот протест уште еднаш покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествуваа во креирањето на лошите состојбите во правосудниот систем. Особено загрижува улогата на одредена опозициска партија, и нивното делување во контекст на актуелните протести. Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување на краткорочни политички цели, велат од ресорот Правда.
Во тој контекст, додаваат оттаму, евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок.
-Во однос на барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит,Министерството за правда уште еднаш потенцира и потврдува дека истиот се спроведува согласно важечката законска рамка. Станува збор за стручен испит кој не претставува управна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и стручност во правосудниот систем.
Министерството за правда останува отворено за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и внимателно ги разгледува сите иницијативи и предлози, исклучиво во рамки на законските надлежности. Наш приоритет останува јакнењето на правниот поредок и воспоставување на фер, транспарентен и квалитетен систем на стручна евалуација, ослободен од политички влијанија.
Нема да дозволиме никаква злоупотреба на Уставот и законите, стои во реакцијата на ресорот предводен од министерот Игор Филков.