На обожавателите и колекционерите на реге музиката ширум светот им е дадена ретка можност да поседуваат дел од историјата на поп-културата. Еден од дредовите на легендарната музичка ѕвезда Боб Марли ќе биде понуден на продажба на претстојната аукција и се проценува дека ќе достигне цена од неверојатни 29.300 евра (25.000 фунти), објави ХМЕ.
Овој необичен сувенир, долг приближно 3,8 сантиметри (1,5 инчи), има фасцинантна историја. Датира од 1978 година, кога Боб Марли со својот бенд „The Wailers“ гостувал во познатата британска музичка емисија „Топ оф д попс“. Во текот на настапот, бендот го извел својот тогаш нов хит „Satisfy My Soul“.

Фото: Принтскрин / Инстаграм
Сопственикот на овој прамен коса раскажал неверојатна анегдота за тоа како дошол на него. Според неговиге зборови, откако Марли го завршил својот настап, тој и неговиот пријател успеале да се качат на сцената каде што стоел музичарот.
„Боб цело време се смееше и изгледаше многу весело. Го прашав дали можам да земам дел од неговата коса. Тој само продолжи да клима со главата и тивко да се смее, очигледно целата ситуација му беше забавна. Тогаш едноставно му откинав еден негов дред со раката. Секако, во таа пригода тој ми даде и автограм“, објаснил сопственикот.
Аукциската куќа со седиште во Бристол, „ЈС аукшнс“, потврдила дека овој раритет ќе биде понуден на аукција на 9 април. Експертите проценуваат дека вредноста на самиот дред ќе се движи помеѓу 23.400 и 29.300 евра (20.000–25.000 фунти). Покрај косата, на аукцијата ќе биде понуден и оригинален автограм, чија вредност самостојно се проценува на околу 4.700 евра (4.000 фунти), но предметите ќе се продаваат и заедно како комплет.
Настанот привлекува огромно внимание бидејќи е ова е првпат по 20 години еден автентичен дред од Боб Марли да се појави на јавна аукција, што го прави еден од најретките предмети поврзани со покојниот крал на реге музиката.