Во рамки на официјалната посета во Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска остварила средба во белата куќа со Џерод Аген, Заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД.
Средбата се одвивала во отворен и суштински дијалог, со јасно дефиниран фокус на стратешките приоритети и конкретните насоки за унапредување на соработката, при што од двете страни беше оценета како особено продуктивна и корисна.
„Аген е висок функционер со значајна улога во креирањето и координацијата на енергетските политики на САД, со директен увид во стратешките приоритети и развојните процеси во секторот. Неговото искуство и познавање на глобалните енергетски текови претставуваат важна основа за развој на идни партнерства и проекти.
На средбата биле разменети ставови за унапредување на двостраната соработка во енергетскиот сектор, со акцент на:
-енергетската безбедност и стабилност на снабдувањето;
-диверзификацијата на енергетските извори;
-развој на стратешки инфраструктурни проекти од заеднички интерес“, велат од Министерството.
Министерката ја истакнала подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на соработката и реализација на конкретни иницијативи, нагласувајќи дека партнерството со САД претставува значаен фактор за долгорочна стабилност и развој на енергетскиот сектор.
Извршниот директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД, Аген, пак истакнал дека меѓу двете земји постојат толку многу можности за соработка што можат да го променат енергетскиот пејзаж во регионот со децении.
Соговорниците се согласиле дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти кои ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економски развој и енергетска сигурност на двете земји.