Oткриен обид за криумчарење лекови – над 16 000 парчиња со вредност од 1,6 милиони денари

Стоката била пронајдена во автобус - скриена дел зад седишта, а дел во вентилацијата

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Царинска управа

Вкупно 16.051 парчиња непријавени лекови, со вредност од 1,6 милиони денари, се пронајдени при контрола на автобус кој е стопиран во внатрешноста на државата од страна на мобилен царински тим и тим од службата за скенирање при Одделението за оперативни работи во рамки на Секторот за контрола и истраги.

Станува збор за автобус во сопственост на туристичка агенција од Косово, кој сообраќал на релација Турција – Косово, во кој при детална контрола се пронајдени вкупно 623 вијали Prolutex (за хормонска терапија и за поддршка на бременост), 15 илјади таблети Jardiance (за лекување дијабет), како и 428 парчиња раствори за инјекции што се користат за визуелизација при магнетна резонанца – 61 вијала Clariscan, 355 вијали Gadovist и 12 вијали Genburto.

Дел од нив, 428 вијали, се откриени при првична контрола во црна најлонска ќеса скриена позади седиштата, по што автобусот е спроведен до царински терминал за детална контрола, по што во фабричките шуплини на вентилацијата се пронајдени преостанатите 15.623 парчиња лекови.

Против двајца осомничени од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, а лековите се трајно одземени.