Тренчевска му порача на Мицкоски сам да се пријави во НАТО и ЕУ затоа што „ја дестабилизира државата“

„Овие прашања беа затворени, но откако Владата на Мицкоски и ВМРО е на власт, повторно се поставуваат прашања за поделби“, кажа потпретседателката на СДСМ за барањето на студентите Албанци

од Nikola Popovski
57 прегледи Фото: СДСМ

„За ова прашање треба да се најде решение и јазикот не е прашање во 21ви век. Дефинитивно треба да се најде решение за да може секој да ужива во основните човекови права за она што е согласно закон“, вели потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска за барањето на студентите Албанци да полагаат правосуден испит на албански јазик.

За денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, Тренчевска вели дека она што е проблем и што главни инспиратори на сите овие поделби се токму претседателот на Владата и неговиот кабинет.

„Денеска го слушнавме низ медиумите дека ќе пријавел во НАТО и во ЕУ за ова. Ете да му порачаме на Мицкоски тој да се пријави и во НАТО и во ЕУ, затоа што тој ја дестабилизира состојбата во државата. Овие прашања беа затворени прашања, но откако Владата на Мицкоски и ВМРО е на власт, повторно се поставуваат прашања за поделби“, кажа потпретседателката на СДСМ.

Владата ги информирала сојузниците во НАТО и во ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на вчерашниот протест во Скопје, на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик. Ова денеска го соопшти Мицкоски, велејќи дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дале политичка конотација на вчерашниот протест за правосуден испит на албански.

„Вчера видовме голем број на опозициски и активисти и високи функционери кои беа на протестот, давајќи му и политичка конотација“, додаде премиерот.