„Амандманот 108 и нон-пејперот е добро таргетиран, има силни правни аргументи, но ограничена политичка моќ. Сепак е стратешки вреден како алатка , но не како решение“, вели државниот советник за европски политики и експерт во областа, Драган Тилев, за наводите дека нон-пејпер циркулира во Европскиот парламент, како иницијатива на известувачот Томас Вајц за целосно расчистување на нејаснотиите со Протоколот од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија во врска со процесот на пристапување на земјава во ЕУ.
Сепак, истакнува Тилев, документот нема моќ преку ЕП да го урне Протоколот, вели дека тоа е нереално, но од аспект на поширока стратешка платфрома и насока, тогаш е многу корисен.
За потсетување, нон-пејперот поставува клучна дилема дали Вториот протокол е дел од ЕУ правото / Преговарачката рамка или чисто билатерален инструмент без правно дејство во ЕУ. Ова е фундаментално затоа што ако не е дел од acquis/рамката, не може да создава обврски во пристапниот процес.
-Документот (Протоколот 2) експлицитно нотира дека условите (во преговорите) може да вклучуваат историја, јазик, учебници, а тоа е невиден преседан во проширувањето Од тука, можно е кршење на принцип на еднаквост и заштита на национален идентитет (кој ЕУ го признава). Нон-пејперот тврди дека компромисот е „политички стабилизиран врз правно несигурни темели“, постојат ризици од мислење на Правната служба на Советот, истакнува соговорникот.
Тилев истакнува дека се предлагаат 2 можни патеки: правно толкување да иницираат земја-членка или претседателство. Вели дека е клучно и важно – едно од сценаријата: ако протоколот е спротивен на ЕУ право, можно е репреговарање на Преговарачката рамка, што е политички многу малку веројатно.
-Најсилната теза е дека Протоколот создава постојан инструмент за вето/притисок без рок, а ова е конзистентно со академски анализи дека условувањето е „open-ended“ и дека нема да може финално да се „исполни“, објаснува соговорникот и додава дека ова не е технички документ туку обид за европеизација на билатералниот спор.
„Конкретно, целта е да се извади протоколот од „сива зона“ и да се натера ЕУ да заземе став. Нон-пејперот игра на 3 линии:
-Неприфатлив преседан: „Ниту една кандидатка нема вакви услови“, ова е аргумент за: Германија, либералите и зелените
– Вредносен аргумент (identity rights): го врзува случајот со човекови права и културен идентитет, а тоа е многу посилен аргумент од „национален интерес“
– Институционален притисок: Европски парламент vs Советот односно, ЕП сака поголема улога и вклучување во политичката контрола над проширувањето“, истакнува експертот.
Тилев оценува дека постои силен потенцијал ако се мобилизира политичко мнозинство во AFET и се врзе со rule-of-law наратив, а ограничен затоа што Советот (државите) го има последниот збор, односно Бугарија има право на вето.
„Ова е pressure tool, не solution tool (средство за притисок, но не и решение за нашиот проблем). Најверојатно ќе се отвори дебата, ќе влезе во извештај и ќе создаде политички притисок, но нема автоматски да го смени протоколот и нема да го елиминира ветото“, посочува соговорникот и ги кажува своите ставови за слабостите на овој нон-пејпер.
„Пристапот има и сериозни слабости:
– Потпирање на „правна логика“ во политички процес: ЕУ проширување не е суд, тоа е геополитика, консензус и заштита на националните интереси на земјите членки. Значи, правните аргументи сами по себе не победуваат
– Нема механизам за enforcement: Дури и ако Советот даде мислење, нема автоматска последица ниту заштита од вето
-Ризик од контра-ефект: Бугарија веќе реагира (офанзива во Брисел), при што е можно, дополнително зацврстување на позицијата и целосна политизација на процесот
-Преценување на EП: Европскиот парламент има политичка тежина, но нема одлучувачка моќ
-Отворање на „Pandora’s box“: Ако ова успее, и други држави ќе почнат да оспоруваат билатерални услови, што ЕУ сака да го избегне по секоја цена (Србија, Унгарија, Хрватска и сл.)“, оценува Тилев.
Известувачот уште од претходно бара европските институции да бидат поактивни за деблокада на пристапниот пат на земјава и бара воведување на делумно квалификувано мнозинство за отворање и затворање на поглавјата, наместо едногласноста на земјите-членки. Дел од европратениците пак не се согласуваат со барањето на Вајц за постепена интеграција на земјава во ЕУ, во што е можно повеќе области, туку бараат стриктно исполнување на сите услови за земјава да напредува процесот.
Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека „нема информации“ за обидите на Вајц. Поучен веројатно од минатогодишното искуство, кога бугарските европарламентарци обвинија дека Вајц го пишувал извештајот заедно со нашата влада и дека кај нас однапред се знаеле и договарале формулациите, сега претседателот на Владата се дистанцираше од подготовката на извештајот во Брисел.
Н.П.