По Мицкоски, и Османи им пишал на меѓународните партнери за протестот на студентите Албанци

„Денес ги информирав претставниците на меѓународната заедница за обидите на Владата да ја прикаже на извртен начин природата на студентските протести“, објави потпретседателот на ДУИ

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Фејсбук/Бујар Османи

„Денес ги информирав претставниците на меѓународната заедница за напорите на Владата да ја претстави на искривен начин природата на студентските протести, етикетирајќи ги како партиски мотивирани и создавајќи неточна перцепција за реалноста во земјата“. Вака реагираше ДУИ преку поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на партијата на Али Ахмети, Бујар Османи.

Преку објава на Фејсбук, Османи нагласува дека овие напори, како што вели, да ги заведат меѓународните партнери не ги одразуваат вистинските загрижености на студентите, кои се директно поврзани со спроведувањето на постојните права.

„Во овој контекст, ги разјаснив и неточните толкувања на мислењето на Венецијанската комисија. Мислењето од март 2025 година не се осврнува на ограничувањето на јазичните права и не се повикува на нашето законодавство, туку се фокусира на практичните аспекти на спроведувањето, како што се трошоците и логистичката поддршка, нагласувајќи дека ова се минимални стандарди што мора да се исполнат“ – пишува Османи на Фејсбук.

„Во време кога е потребна целосна имплементација на правата, од суштинско значење е комуникацијата со меѓународната заедница да се базира на факти и фер прикажување на реалноста“, заклучува Османи.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска рече дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дале политичка конотација на вчерашниот протест на кој студенти бараа правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Во врска со ова, Владата ги информирала НАТО и ЕУ.

-Вчера видовме голем број на опозициски и активисти и високи функционери кои беа на протестот, давајќи му и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и во Европската Унија за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи преставници на меѓународната заедница, изјави премиерот пред новинарите.