Годишниот одмор не е привилегија, туку право и потреба на работникот

„Се поставува прашањето дали воопшто имаме потреба од плата или наместо тоа може да прифатиме руска салата и кифлички и сите да бидеме „среќни и задоволни“. Можеби не се досетиле одредени работодавачи, бидејќи работниот однос е заеднички договорен акт со договорот за вработување. Без работник и работодавач не би имало однос, но кај нас овој однос почнува да станува насилен“

од Nikola Popovski
31 прегледи Иван Пешевски/Фото: Фејсбук

Државниот инспекторат за труд е на маргините на заштита на правата на работниците, особено во последниот период кога за една претставка може да се чека месеци, евентуално и да не се дочека одговор. Последен таков случај имаме по постапувањето за Македонски шуми, каде вработените пријавуваа дека наместо регрес за годишен одмор добиваат дрва. Се поставува прашањето дали воопшто имаме потреба од плата или наместо тоа може да прифатиме руска салата и кифлички и сите да бидеме „среќни и задоволни“. Можеби не се досетиле одредени работодавачи, бидејќи работниот однос е заеднички договорен акт со договорот за вработување. Без работник и работодавач не би имало однос, но кај нас овој однос почнува да станува насилен. Имам чувство дека некои работодавачи живеат во паралелен универзум, но можеби и со право, бидејќи како си ги толкуваат и применуваат законите, државата само аминува.

Убаво е што најголем дел од македонските работници токму ССМ го препознаваат како единствен штит, но потсетувам дека позади штитот мора да има толпа работници. Толпа од онолку работници колку што имаат минимална плата, онолку колку што им доцни платата, не виделе на сметките минат труд, регрес, јубилејни награди и ред други додатоци и надоместоци на плата загарантирани во Законот за работните односи и колективните договори.

Дојдовме и до годишните одмори. Навидум одлично регулирано право со Закон, но доколку нема доуредување за неговото користење или остварување и на повеќе од 20 работни денови, останува само минимумот од 20 денови. Во овие денови покрај одмор, работниците користат и дополнителна работа додека се слободни од формалното работно место каде го обезбедиле правото на одмор. Што да направи работникот, особено во приватен сектор, кога овие денови му се даваат по волја на работодавачот? Многу често при промена на работното место може да пропадне годишниот одмор без компензација со плата, а уште пожално е ако пропадне без никаква компензација. Најлош случај е да не се искористи, бидејќи законодавецот предвидува дека работникот МОРА да одмори, а одморот не може да се компензира со пари. Тие компензации чинат човечки животи од замор на работникот, бидејќи годишниот одмор не е привилегија, туку право и потреба. Одморот придонесува физички и умствено да се одмориме, да го подобриме менталното здравје, поголема продуктивност и рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.

Работникот се стекнува со годишен одмор по најмалку шест месеци непрекината работа кај истиот работодавач. Најголемиот дел од работниците во приватниот сектор користат годишен одмор во период кога работодавачот ќе ги упати и обично само 20 работни денови. Максимумот од 26 работни дена, според колективен договор, можеби го гледаат само синдикално организираните работници. Согласно Законот за работните односи, одморот може да се користи во повеќе делови, но еден дел мора да трае најмалку две непрекинати недели.

Сите овие права регулирани со Закон мора да се доуредат и со Колективен договор доколку сакаме повеќе денови платен одмор. Во колективните договори имаме дополнителни денови за работен стаж, сложеност на работа, работни места со висок степен на ризик, социјални и здравствени околности, а доколку сме побројни, ќе обезбедиме и повеќе денови одмор. Доколку сме погласни, Државниот инспекторат за труд ќе почне побрзо да постапува по предметите, особено по меморандумот за соработка и рокот во кој треба да излезе на терен и да констатира неправилности. Примената на законите од страна на инспекциите не смее да трае долго, имајќи во предвид дека се работи за човечки судбини, чие секое чекање ги чини дневница и плата.

Да не заборавиме дека работните спорови пред суд скоро никогаш не завршиле во законскиот предвиден рок од 6 месеци. Само за пример, стечајната постапка со градежниот гигант Бетон трае повеќе од две години. Еден месец без плата за најголем дел од работниците е туркање под прагот на сиромаштија, а 6 месеци без плата е повеќе од сигурна катастрофа.

За крај, овие права и ред други, како скратена работна недела, недела неработен ден, поголема минимална плата, поголема социјална заштита, остануваат само предизборно ветување и прилепување кон работниците од опозициите во државата. Истите тие од позиција на власт забораваат и не ги споменуваат овие теми, што се провлекува како историја во последните 35 години самостојност.

Иван Пешевски – Потпретседател за приватен сектор при Сојуз на синдикатите на Македонија

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.