Чупеска алармира за Охридскиот договор: „Институциите си играат со оган“

„Рамковниот договор не е само историски компромис - тој е нашата реална конституција и услов за политичкиот опстанок на државата“, оценува професорката

од Nikola Popovski
125 прегледи Фото: Фејсбук

„Во Македонија, континуирано се случуваат обиди од страна на некои субјекти тенденциозно да го уништат Охридскиот рамковен договор“. Ова го предупреди професорката и член на СДСМ, Ана Чупеска. Според неа, ОРД не е само историски компромис туку, како што вели, нашата реална конституција и иманентен услов за политичкиот опстанок на државата.

„Оттука, секој обид за негово релативизирање претставува директен атак врз државната кохезија! Во таа смисла, сакам да нагласам дека, како демкократка, цврсто стојам на позицијата за оправданоста и за потребата од негувањето на автентичниот мултикултурализам како општествен модел и особено на нормативниот мултикултурализам, гарантиран во Уставот, исто така! Токму затоа, чувствувам и должност да алармирам дека сум сериозно загрижена од упорните обиди на одредени ретроградни субјекти за тенденциозно деструктуирање на ОРД“, објави Чупеска.

Според неа, ваквите феномени не се изолирани инциденти, туку симптоми на поширока, опасна координација.

„А таа кординација се разоткрива преку наивната реториката и практика на министерот Филков, насочена кон дерогирање на Бадентеровиот принцип(прво со интервјуто во Фокус, сега со полагањето испити), во корелација со административните блокади на процесите кои произлегуваат од ОРД. Ова е уште една надсинхронизирана балетска претсава што требало да биде Лебедово Езеро, но, во главна улога не на Бел, туку е Црни Лабуд“, порачува, меѓу другото, Чупеска, додавајќи дека луѓето кои во моментов управуваат со институциите очигледно решиле да „играат со оган“.

„Зошто? Бидејќи тие го предизвикуваат поредокот во неговата најчувствителна точка, заборавајќи дека токму Рамковната Позиција за сожувот е гарантот за внатрешната стабилност“.