Љутков најави дека Универзалната сала почнува да се гради

Според министерот за култура, реконструкцијата е предвидена да заврши до декември 2027 година

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

По долги години чекање и административни пречки, денес со гордост објавувам: започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала – еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија, објави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој информираше дека постапката за избор на изведувач за Универзалната сала успешно е заокружена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за старт на градежните работи.

„Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзалната сала е предвидено да заврши до декември 2027 година. Ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028. Со новиот лик на Универзална, Скопје ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција, која ќе биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и големи културни настани“, потенцира Љутков.

Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, инвестиција во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации, додаде Љутков.

Останувам целосно посветен на транспарентно, законито и ефикасно реализирање на сите капитални проекти кои го зајакнуваат културниот идентитет на нашата земја, нотира во објавата министерот Љутков.

Во Универзалната сала избувна пожар во април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.

Почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска, работите се стопираа за околу две години.

Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.