Пратениците го одбија предлогот на Левица да „не се гине за туѓи војни“

Предлогот на Левица не помина, односно пратениците од СДСМ гласаа против, а од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Армија на Северна Македонија

Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан на денешната седница на собрание ја образложи суштината на предложените измени и дополнувања Законот за одбрана, поднесен од пратеничката група:

„Постојното законско решение остава опасно широк простор Владата по сопствена волја да ја вовлекува државата во воени операции што немаат никаква врска со одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет. Членството во НАТО, поради својата природа, значи отстапување на дел од суверенитетот, особено во одбраната, и остава широки раце на Владата за директно и индиректно вклучување во конфликти. Затоа Собранието треба да ја ограничи Владата, така што армијата ќе се користи само во мисии со меѓународен легитимитет, одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации.

Досегашната пракса на НАТО, од бомбардирањето на Југославија, преку Ирак, до Либија, покажува интервенции без одобрение или со злоупотребен мандат, кои резултирале со нестабилни и распаднати држави со поголеми безбедносни ризици. Во услови на современи безбедносни аранжмани и зголемена интероперабилност, постои опасност од индиректно вклучување и без формална одлука, што веќе се гледа преку поддршката и испораката на оружје во Украина. Ова носи реални економски, енергетски и безбедносни последици, како и ризик од нарушување на внатрешната стабилност, поради што е неопходно Владата да биде ограничена и секое учество да биде засновано на меѓународно право и националниот интерес“.

Предлогот на Левица не помина, односно пратениците од СДСМ гласаа против, а од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа.

Со предложените измени се воведуваше јасна рамка за учеството на Армијата надвор од територијата на државата да биде дозволено исклучиво во мисии одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации. Левица бараше да се елиминира можноста македонскиот војник да биде испраќан во геополитички лавиринти без јасен меѓународно-правен легитимитет.