Куновска го обвини Љутков дека е „најсрамниот министер за култура на сите времиња“

„Подопашна мува на своите претпоставени, подолго време ги множи со нула своите колеги“, објави актерката и поранешна пратеничка за министерот за култура

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Телма

Актерката и поранешна пратеничка, Софија Куновска упати остри критики кон министерот за култура и туризам Зоран Љутков, оценувајќи го како „најсрамен министер за култура на сите времиња“.

„Неспособен, некомпетентен и неодговорен, подопашна мува на своите претпоставени, подолго време ги множи со нула своите колеги. Дали некои институции ќе ја заменат својата улога на столб на правдата со улоги слични на неговата, ќе видиме“, истакнува Куновска.

Таа го повикува Уставниот суд да го сочува својот интегритет, да остане “громобран” од политичките напастници и жестоко да го осуди самоволието од страна на поединци, заитересирани само за продлабочување на својот џеб.

-“Културата не е трошок, културата е инвестиција.”- Зоран Јанковиќ, градоначалник на Љубљана, објави актерката.

Уставен суд денеска одлучува за судбината на Колективниот договор за култура, по иницијатива за оценување на неговата уставност поднесена од адвокатот Томислав Стефков, информира Синдикатот на култура.

„Ова е ден кога културните работници ќе добијат одговор – дали Колективниот договор, кој го чекаа 30 години, го преговараа 15 години и цели 9 месеци чекаа да започне неговата финансиска реализација по потпишувањето, ќе опстои една од ретките светли точки во културата. Генерации уметници и културни работници го поминаа целиот свој работен век без основни работнички права. Денес, кога тие права конечно се стекнати со долгогодишна борба, трпение и истрајност, се прават обиди тие да бидат поништени. Можеби денес некој ќе биде разочаран, а некој ќе има причина за радост. Но едно е сигурно – срамот нема да биде избришан“, соопштија од СКРМ.

Според Синдикатот, додека постојат луѓе кои ја создаваат културата, ја чуваат и ја бранат, таа ќе продолжи да се бори за своите права.