Обид да се одблокира европскиот пат на Македонија: „Во време на сериозни геополитички превирања, малите земји немаат луксуз да чекаат децении за коцките да се наместат во нивна полза“

Вајц со своја иницијатива, бугарски европратеник се заканува со ново вето: „Европскиот совет е местото каде се носат сите одлуки и заклучоци - Македонија не е на масата, но Бугарија е“

од Nikola Popovski
59 прегледи Фото: Делегација на ЕУ во Македонија

Софија обвинува дека македонската влада сака да го заобиколи европскиот консензус. Вакви се реакциите по обидите на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, да го исфрли Протоколот потпишан со Бугарија од преговорите со Европската унија. Според бугарското Министерство за надворешни работи, „сите обиди се насочени кон сопствените (македонски) граѓани, чие време навистина се губи со вакви политички игри, наместо да се почитува она што веќе е договорено“. Дел од бугарските европратеници споменуваат и ново вето поради ваквите „потези“ од македонска страна.

Во време кога се водат интензивни разговори околу извештајот за Македонија во Европарламентот, известувачот Вајц поднесе амандман за правниот статус на Протоколот со Бугарија. За дел од домашните познавачи на состојбите, иницијативата на европратеникот претставува обид за правно разграничување меѓу европските критериуми и билатералните барања содржани во Протоколот со Бугарија. Според Златко Симоновски, целта на неговиот „нон-пејпер“ е обид да се пресретнат идни нејаснотии кои би можеле да ги закочат македонските евроинтеграции врз субјективна основа.

-„Попластично“ кажано, документот бара институционална потврда дека преговарачкиот процес треба да се води според објективни критериуми на ЕУ, а не според историски претпоставки и еднострани толкувања. Иако се споменува сценарио за репреговарање на Преговарачката рамка, такво нешто би претсавувало сериозен предизвик бидејќи бара целосен консензус од сите земји членки, вели Симоновски во изјава за „Локално“.

Златко Симоновски

Затоа, додава соговорникот, овој документ примарно треба да се гледа како облик на политички притисок за обезбедување правна заштита на процесот, односно гаранција, наместо како сигурна најава за службена промена на преговарачките услови.

-Европскиот совет е местото каде се носат сите одлуки и заклучоци. Македонија не е на таа маса, но Бугарија е. Сепак, вреди да се напомене дека секој обид да се одблокира процест е за поздравување бидејќи во време на сериозни геополитички превирања, малите земји, како нашата, немаат луксуз да чекаат години, ниту децении за “коцките да се подредат“ во нивна полза, потенцира Симоновски.

В.д. министерка за надворешни на Бугарија, Надежда Нејнски вчера беше децидна дека Бугарија постојано ги ескалира своите барања. „Ние го направивме она што требаше да го направиме во моментов“, кажала Нејнски за „БНТ“, додавајќи дека конструктивната позиција на Бугарија е диктирана од фактот дека ова сега е европско прашање, а не билатерално прашање. Таа потенцирала дека фактот е дека ова не е билатерално прашање меѓу Бугарија и Македонија. Според Нејнски, како што вели, агресијата врз бугарските граѓани во Македонија уште еднаш покажува колку е важно „вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав и прекин на говорот на омраза“.

Покрај ваквите ставови, вчера беше споменато и некакво ново вето. Ова го изјави бугарскиот европратеник Илија Лазаров, пратеник на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во коалицијата Европска народна партија во Европскиот парламент.

„Секоја промена во европскиот консензус ќе ѝ даде на Бугарија право да стави вето на членството на Северна Македонија во Европската Унија. Томас Вајц е целосно под туторство на Мицкоски и Муцунски и работи под нивен диктат. Мора категорично да изјавиме: секоја промена што би можела да се постигне во европскиот консензус ќе ѝ даде на Бугарија право да стави вето на членството на Македонија во Европската Унија“, вели Лазаров.

Бугарски европратеник: Софија ќе има право да стави вето на секоја промена на европскиот консензус за Македонијa

Н.П.

Слични содржини