Орбан: Поддршка ни даде американскиот потпретседател, не Русите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги отфрли критиките за блиска поврзаност со Русија, порачувајќи на еден собир дека поддршката не му дошла од Москва

од Кристијан Димков
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Официјален профил на Виктор Орбан

„Не беа Русите тие што дојдоа во Унгарија да ми дадат поддршка оваа недела, туку потпретседателот на САД“, изјави Орбан во исечок објавен од неговиот меѓународен портпарол Золтан Ковач.

Орбан нагласи дека Унгарија останува дел од Западот, но додаде дека го „боли она што се случува во Западна Европа“. Особено ги критикуваше германските демохристијани. „Нè боли што германскиот ЦСУ стана толку левичарска партија што соработката со нив стана невозможна. Денес нашето најсилно сидро кон западниот свет не се нашите сестрински партии во Германија, туку републиканците во САД со кои соработуваме“, заклучи унгарскиот премиер.

Потсетуваме, Унгарија беше критикувана поради блиските врски со Русија откако беа објавени информации за контактите на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.