Американскиот претседател Доналд Трамп им постави ултиматум на земјите од НАТО да најдат решение за повторно отворање на Ормускиот теснец во рок од неколку дена. Турција, која има втора најголема армија во Алијансата, вели дека НАТО не е должен да интервенира.
-Земјите-членки на НАТО не се „обврзани“ да им помогнат на САД и Израел во војната со Иран, изјави турскиот министер за трговија Омер Болат за емисијата „Europe Today“.
Трамп му постави ултиматум на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на состанокот во Вашингтон, повикувајќи ги сојузниците итно да најдат решение за отворање на клучната поморска рута. Руте е во Вашингтон за серија состаноци, вклучувајќи разговори зад затворени врати со Трамп, како и со државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет.
И покрај кревкото примирје постигнато во вторник вечерта со цел враќање на сообраќајот, само ограничен број бродови минуваат низ теснецот.
Коалиција од околу 40 земји – претежно членки на НАТО, заедно со Јапонија, Јужна Кореја и Австралија – работи на стратегија за обезбедување на водниот пат по завршувањето на конфликтот. Трамп, сепак, инсистира на итно решение, вклучително и евентуално распоредување на воени капацитети и поморски сили.
„Улогата на НАТО е првенствено да го одврати и зачува мирот и безбедноста на европскиот континент, но и на глобално ниво“, рече Болат.
На прашањето дали членовите имаат право да го потсетат Трамп дека Алијансата е од одбранбен карактер и дека не учествувала во планирањето на конфликтот, Болат одговори потврдно.
Членовите на НАТО претходно ги отфрлија повиците на САД за поддршка на воена кампања против Иран, посочувајќи дека не биле консултирани пред нападот.
Тие, исто така, повторно го нагласија одбранбениот мандат на алијансата, отфрлајќи ги тврдењата од Белата куќа дека имаат обврска да интервенираат заедно со САД.