Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски останува на својот претходен став дека не верува дека има политичка волја и желба во ЕУ за проширување со нови земји-членки. Во гостување на дебатна емисија, Николоски вели дека „за жал е во право“.
-Кога ги дадов тие предвидувања, не ги давав со цел нешто лошо да се случи туку да предупредувам што ќе се случи. Работа на политичарите е да носат одлуки врз основа на информациите кои што ги имаат, но и да ја информираат јавноста за реалноста и вистината. Стојам позади секој збор што сум го кажал. За жал, сум во право. Јас сакам и ние и нашите соседи (Албанија) да напредуваме, но тоа не е така. Има голема разлика меѓу преговори и полноправен член на ЕУ. Најдобра потврда на ова што го говорам е заедничкото писмо на премиерот на Албанија и претседателот на Србија во кое што се согласуваат и за било каква форма на соработка, и дури и за тоа беа одбиени. Очигледно дека некој добро ги излажал и им рекол пуштете го ова и ќе се реши работата. Реалноста е таа и од тоа бегање нема, рече Николоски во емисијата „Само интервју“.
Според вицепремиерот, Македонија направила добро што не тргнала по чекорите на Еди Рама и Александар Вучиќ и да испраќа таков тип на писма или „на тој начин да коленичиме“.
-На мали деца им е јасно дека овде не е проблем само Софија туку Софија е добар изговор за да не се реши проблемот. Ќе чекаме неколку големи главни градови да кажат дали сакаат да се прошири ЕУ. Ако решат дека сакаат, проблемот со Бугарија ќе се реши за едно претпладне или едно попладне, додаде Николоски.