Лога до Сиљановска: Албанскиот не е „малцински“ јазик

Екс-министерот за правда смета дека во Македонија има политичка класа со „југословенско наследство“

од Nikola Popovski
20 прегледи

Поранешниот министер за правда, Кренар Љога остро реагираше на изјавите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во врска со правосудниот испит, опишувајќи ги нејзините аргументи како неточни и правно застарени. Лога тврди дека Сиљановска се обидува да ги избегне дискусиите и ги изигрува фактите поврзани со правосудниот испит, изнесувајќи неколку ставови кои веќе се надминати како проблематика.

„Прво, немало и нема потреба да постојат две комисии за полагање на испитот, бидејќи ваквата практика е надмината уште од јануари 2024 година, кога Министерството за правда формираше нова комисија согласно законот, со членови и заменик-членови Македонци и Албанци, како и обратно. Оттука, ваквото аргументирање е nul.

Второ, можноста испитот да се полага и на албански јазик е предвидена со Предлог-законот за изменување на Законот за правосуден испит (со согласност од Секретаријатот за законодавство), подготвен од Министерството за правда и доставен од Владата до Собранието на РСМ, исто така во јануари 2024 година. Овој предлог подоцна беше повлечен од новото парламентарно мнозинство, односно од ВМРО-ВЛЕН“, објави Лога.

Екс-министерот оценува дека оваа постапка не е ниту новина ниту исклучок и дека вакви практики постојат во земји како Финска, Белгија, Швајцарија, Канада и низа напредни западни демократии.

„Постои и една суштинска разлика што оваа политичка класа со југословенско наследство, претставувана од г-ѓа Сиљановска, треба да ја разбере: албанскиот јазик не е „малцински јазик“, како што таа “погрешно” го претставува во континуитет, туку е јазик на околу една третина од населението во оваа држава и на еден од државотворните народи, заедно со македонскиот народ“, порачува Лога.

Сиљановска синоќа во емисијата „Клик плус“ изрази резерви во однос на иницијативата правосудниот испит да се полага и на албански јазик, нагласувајќи дека во правото клучна е прецизноста на јазикот и јасноста на изразувањето. Говорејќи на оваа тема, таа посочи дека ќе се воздржи од конечен став, но предупреди дека правниот јазик има специфична тежина и директно влијае врз квалитетот на судските одлуки.

„Мојот страв е да не се најдеме изгубени во преводот“, рекла, меѓу другото, претседателката.

Ова прашање е актуелно веќе извесен период на македонската политичка сцена. Уште на почетокот на годината, група студенти поднесоа петиција со која побараа правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик, а за ова барање се обратија и до Народниот правобранител.

Повикувајќи се на петицијата, инспектори од Инспекторатот за употреба на јазиците во два наврати влегоа во Министерството за правда со цел проверка на документацијата поврзана со спроведувањето на правосудниот испит. Овој чекор дополнително ја отвори дебатата во јавноста за законската рамка и надлежностите на институциите.

Според официјалните податоци, во изминатите пет години од вкупно 881 кандидат за полагање на правосудниот испит, 232 биле од албанска етничка припадност. Владата, во меѓувреме, формираше група уставни експерти кои работат на изнаоѓање решение што би било уставно издржано и во согласност со меѓународните стандарди.