Европските аеродроми стравуваат од недостиг на керозин за три недели

Асоцијацијата, која претставува околу 600 аеродроми во околу 50 земји, бара од Брисел „итно следење на достапноста и снабдувањето“ во текот на следните шест месеци, со оглед на тоа што цената на керозинот драстично се зголеми поради војната на Блискиот Исток

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук

Европската асоцијација на аеродроми предупреди на ризикот од „системски недостиг“ на керозин доколку поморскиот сообраќај кон Ормускиот теснец не се обнови во следните три недели, според писмо до кое АФП имаше увид во петокот.

Во тоа писмо упатено до Европската комисија, објавено од Фајненшл тајмс, лобистичката организација на европските аеродроми „ACI Europe“ тврди дека „системскиот недостиг на керозин ќе стане реалност“ во Европската Унија „доколку сообраќајот низ Ормускиот теснец не продолжи на стабилен и значаен начин во следните три недели“.

Асоцијацијата, која претставува околу 600 аеродроми во околу 50 земји, бара од Брисел „итно следење на достапноста и снабдувањето“ во текот на следните шест месеци, со оглед на тоа што цената на керозинот драстично се зголеми поради војната на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот теснец.

Лобито исто така, бара олабавување на европското законодавство, особено она поврзано со намалувањето на емисиите на метан во енергетскиот сектор.

Војната на Блискиот Исток започна на 28 февруари со израелско-американското бомбардирање на Иран.

Техеран возврати, меѓу другото, со блокирање на поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од нафтата, керозинот и гасот што се користат во светот.

Кревкото примирје е во сила од вторник вечерта.

Конфликтот предизвика скок на цените на керозинот, дури и повисоки од оние на суровата нафта.

На сите континенти, бројни авиокомпании ги зголемија своите цени и ги суспендираа летовите од безбедносни причини или поради непрофитабилност.