Грција ги почитува правилата на Европската унија и ќе најде решение за економските проблеми во рамките на законите на Унијата.Тоа го изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на првата посета на Брисел како шеф на владата на Грција, цитиран од Ројтерс и “Франс прес”.

Ципрас додаде дека се уште нема договор, но разговорите се движат во вистинската насока.
Голем оптимист сум, бидејќи ќе се обидеме да направиме сè што е потребно за изнаоѓање на заедничко, применливо и взаемно прифатливо решение за нашата заедничка иднина “, истакна Ципрас по разговорите со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и шеф на Европскиот парламент Мартин Шулц.

“Нашата цел е да се почитува народниот суверенитет на Грција за кој имаме јасен мандат од нашиот народ. Во исто време ги почитуваме правилата на Европската унија. Сакаме да ја поправиме оваа законодавна рамка, а не да ја разбиеме, веруваме дека во оваа законодавна рамка можеме да најдеме општи решенија”, истакна грчкиот премиер на средба со Шулц.
Ципрас повтори дека е голем оптимист, бидејќи разговорите се движат во вистинската насока.
“Се разбира, ние сеуште немаме договор, но се движиме во вистинската насока за изнаоѓање на општите договори”, заклучи тој.
Од своја страна Шулц откри дека разговорите биле “плодни”, но признава дека претстојат “тешки времиња”. Туск исто така,ги потврди зборовите на Мартин Шулц дека разговорите со Грција во еврогрупата ќе бидат тешки.
По Брисел Ципрас ќе ја посети Франција.
Во исто време министерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис е во Франкфурт, каде што разговараше со шефот на Европската централна банка Марио Драги. Варуфакис ги опиша разговорите како “плодни”.