Алексис Ципрас сака да го намали нивото на грчкиот долг и веќе се обидува да “обработи” дел од доверителите на земјата. Многумина гледаат во неговите методи обид за изнудување на Европа. Што може да се очекува понатаму?

Зошто “Сириза” победи на изборите во Грција?
Грците страдаат од мерките за штедење наметнати на земјата од доверителите како услов за доделување на финансиска помош во износ од неколку милијарди. Многу Грци се невработени, а особено младите луѓе не гледаат никаква перспектива за својата иднина. Сите социјални бенефиции беа драстично намалени. За време на предизборната борба, Алексис Ципрас вети дека ќе стави крај на суровите штедења, ако дојде на власт.
Може ли Ципрас да ги исполни ветувањата?
Не. Ако тој го сврти грбот на меѓународните донатори, тоа ќе доведе до итно запирање на надворешното финансирање за земјата. Тогаш за неколку недели Грција ќе биде принудена да прогласи банкрот, ќе мора да се потпре само на сопствените можности и да ја воведе назад грчката драхма како платежно средство. А ситуацијата на Грците ќе се влоши уште повеќе.

Што цели тогаш Ципрас?
Првично тој го сакаше невозможното: земјата да добива и натаму помош, но без да ги исполнува преземените обврски за штедење и реформи. Нешто со што доверителите нема како да се согласат. На крајот европските даночни обврзници, исто така треба да бидат убедени дека има смисла да доделуваат уште средства за Атина. И уште нешто: практично сите експерти се убедени дека Грција има потреба од длабоки реформи ако сака нејзината економија да стане повторно конкурентна. Освен тоа, други финансиски колабирани држави како Ирска или Португалија со причина би се пожалиле дека Грција не е третирана еднакво со нив.
Дали сепак има место за компромиси?
Изгледа Ципрас во меѓувреме сфаќа дека така нема да стигне никаде. Тој веќе не инсистира за простување на грчкиот долг, туку само за олеснувања при плаќањето . Тоа значи дека доверителите исто така ќе бидат принудени да направат отстапки – пример да ја соборат каматата или да се согласат на подолги рокови. Конечно може да се дојде до консензус, бидејќи е Општо познато дека дури и при најповолен развој на економијата, Грција ќе продолжи да го носи бремето на Неподносливиот долг уште многу децении.
Постигнаа ли нешто напорите дотука?
Грција барем излезе од долгогодишната рецесија, а економијата на земјата излезе на плус, макар и занемарлив. Од друга страна, Грција има да враќа 240 милијарди евра, доделени во рамките на двата спасувачки пакети. Затоа се дискутира идејата да и биде дадено повеќе време за стабилизирање на економијата. Финансиската страна сепак е само едната компонента. Другата се структурните реформи, на кои донаторите гледаат како на задолжителен услов.
Каде се најтешките проблеми?

Државниот сектор на Грција е премногу надуен и неефикасен. Целосно недостасуваат или се недоволно развиени цели области од администрацијата – така што земјата се уште нема катастарска служба која ќе го регистрира недвижниот имот. Даночната политика издишува на сите нивоа, а што се однесува до даночната евазија и нивото на корупцијата, Грција зазема едно од првите места во Европа. Освен тоа државата и досега не успева да ги привлече богатите Грци кон напорите за излез од кризата. Многу од богаташите успеаја да ги пренесат своите пари во странство.
Не се ли тоа идеални предуслови за еден лев политичар како Ципрас?
Би требало да е така. Само што Ципрас досега се гневи повеќе на другите Европејци, отколку на грчките даночни измамници. Сега сепак левото управување со Грција и ЕУ може и да се договорат, за она што го сака Брисел – имено: повеќе социјална правда и подобрување на административната служба – всушност одговара на интересите на обичните Грци. Ципрас само ќе треба да им ги претстави овие мерки како свој проект. Од друга страна тоа ќе постави против него некои од најмоќните лобиа во земјата. Дали и колку Ципрас ќе се осмели да ја поведе оваа борба ќе е показателот на кој ќе го оценуваат како меѓународните кредитори, така и неговите сопствени сонародници.