Милевски: Знам што се „бомбите“ и сметам дека премиерот треба да си даде оставка

од Vladimir Zorba
87 прегледи

Според мене, треба да дојде една преодна влада, којашто на неутрален начин ќе ги реши овие политички кризи и состојби во државата, ќе даде една судска разрешница, МВР неутрално ќе ги испита сите тие наводи за криминал што ќе се објават и ќе подготви едни фер и демократски избори, вели новиот претседател на ЛДП, Горан Милевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

 

Милевски за актуелностите на власта во пакетот на Аферата „Пуч на Груевски “ вели:  -гледате дека аферата наиде на потсмев во меѓународната јавност. Јас читав во македонскиот лексикон како се дефинира зборот „Пуч“. Вели дека е авантуристички обид на мала група заговорници да извршат државен преврат или второ мислење е ненадеен преврат, државен удар. Тоа значи дека обелоденувањето на аферите за криминал од страна на опозицијата не може да се третираат за државен удар. Не сме во времето на Луј XIV кој велел „Државата тоа сум јас“, па секој обид за смена на премиер да се третира како обид за нарушување на државата и државен преврат. Тоа време е минато. Во секоја демократска држава опозицијата се бори да ја промени власта. Особено ако има докази за криминал е должна да ги обзнани, не само опозицијата, туку и секој граѓанин, затоа што доколку не го пријави криминалот, тој ќе стане соучесник и не може да се третира обелоденување на криминал за државен удар. Тоа е должност на опозицијата и ние тоа мораме да го направиме и мора граѓаните да знаат како работела оваа власт и со што ние си имаме работа во изминативе 10 години.

Власта го третира така. Како вие како опозициски блок ќе се спротивставите на таквиот третман?

Власта сега сака да ја изврти сликата и да го третира ова како обид за насилно уривање на власта, но гледате дека не беше обид за уривање на власта, не учествуваше ниту полиција, ниту војска, ниту некој насила влегол во собрание или во владата, а и владата не е таа којашто може да донесе одлука да се промени или не. Премиерот, доколку се испостави дека ова е точно, а не се сомневам во тоа затоа што и самиот призна дека материјалите се вистинити, единствена солуција му е да си поднесе оставка. Според мене треба да дојде една преодна влада, којашто на неутрален начин ќе ги реши овие политички кризи и состојби во државата, ќе даде една судска разрешница, МВР неутрално ќе ги испита сите тие наводи за криминал што ќе се објават и ќе подготви едни фер и демократски избори, дали годинава или догодина, треба изборите неминовно да се случат доколку навистина се толку сериозни обвинувањата, а повторно ќе речам, премиерот потврди дека се такви и сметам дека такви луѓе не може да продолжат да ја водат државата. Единствено решение е неотповиклива оставка на премиерот.

Очекувате тоа да се случи?

Ако има морал и одговорност, очекувам тоа да се направи.

Со оглед на тоа што сте нов лидер на ЛДП, запознаени ли сте со содржината на „бомбите“, што Заев тврди дека ги има?

Господинот Заев, имавме средба, ме информира за тие работи. Станува збор за сериозни обвинувања, но содржината ќе дозволите да ја обзнани господинот Заев. Очекувам деновиве веќе да отпочне објавувањето на тие материјали со коишто јавноста всушност ќе види каков сè вид на прислушкувања се правеле и со што се занимавала актуелната власт, со сè, само не со чесно работење.

целото интервју тука