Дајте пари – или напуштаме!

од desk3
101 прегледи

Грчката влада сама се турка толку брзо во ќорсокак што само по неколку недели може да биде принудена да му постави на својот народ неколку многу непријатни прашања, тврди во својот коментар Михаел Мартенс.

Уште пред грчкиот премиер Алексис Ципрас да ја претстави владината агенда, неговиот министер за финансии Јанис Варуфакис веќе беше подготвен со сметките на Атина: Грција или прима пари, или го напушта еврото. Ако Европа не го плати бараниот износ, Грција ќе ја напушти монетарната унија и тогаш еврозоната ќе види што ја чека – така приближно звучеше заканата на Варуфакис.

Мечтаење

Еврото е како куќичка од карти, рече Варуфакис, и веднаш ќе се сруши, ако се извади грчката карта. Во едно интервју објавено во Италија, тој тврди уште дека важни италијански фигури ја одобруваат политиката на Атина, но не смееле да го признаат тоа јавно, бидејќи се плашеле од Германија. Во ова интервју министерот дури користи едно споредба што до моментов се врти само во низините на гневливите интернет-форуми: ЕУ ризикувала да стане нов Советски Сојуз. Главниот град на овој нов Советски Сојуз – тоа Варуфакис дури не требаше посебно да го нагласува – се вели Берлин и наскоро требало да се потчини на правичните барања на Грците.

Владината декларација на Ципрас беше реализирана во целост во овој дух. Премиерот постојано се повикува на мандатот, кој на 25 јануари му го врачи грчкиот народ и кој не му оставал друг избор. Но налогот на грчките гласачи воопшто не е толку недвосмислен, колку го претставува Ципрас.
Поради некакви 2,5 проценти

Како поддршка на ветувањето да се заврши со политиката на штедење, двете нови владејачки партии добија на изборите вкупно 41,09 проценти од гласовите. Претходните владејачки партии (заедно со уште една нова партија), кои бараа соработката со Тројката да продолжи, освоиа 38,54%. Дали разликата од само 2,5 проценти доделува на грчката влада толку јасен мандат да влезе во конфликт со останатите земји од еврозоната? И што ќе се случи ако лажната грчка карта (на која од самиот почеток не и беше тука местото) навистина се извади, а европската куќичка одеднаш се покаже постабилна отколку досега?

Ципрас и неговиот министер за финансии за рекордно краток рок сами се притиснаа до таков степен во аголот што само по неколку недели нема да им преостанува ништо друго освен да ги поставуваат овие прашања за ново решавање од народот – на референдум или на уште едни предвремени избори.