Заев: Власта прави вистински злодела- објавите на криминалите следуваат

од Vladimir Zorba
97 прегледи

 Претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за 24вести вечерва изјави дека сестрински партии од други држави помагале Зоран Верушевски да добие работна виза надвор со цел да се заштити. Според Заев, Верушевски не му ги дал материјалите, туку Зоран Заев му ги доверил за да му даде насоки. Тој ја потврди автентичноста на писмото кое претставува преписка со Верушевски, но негираше дека се работи за странски служби. Објасни дека во писмото се договара излезот на Верушевски од земјава.

zaev_24vesti
– Се трудевме да обезбедиме работна виза за да замине од Македонија на повеќе од три месеци. Вината им е што ја сакале Македонија. Обезбедив луѓе кои ќе му помогнат благодарение на сестринските партии. Целата содржина на писмото е таа. Претседателот на сестринска партија е и премиер на таа држава, ми посочи луѓе кои ќе ми помогнат да извадат виза за Верушевски и неговото семејство. Тој се плашеше за својот живот поради тоа што соработуваше и даваше насоки откако јас му ги доверив материјалите кои дојдоа до мене, рече Зоран Заев во интервјуто за  24 вести.

Претседателот на СДСМ изјави дека освен аудио разговори од следењата поседува и писмени докази за криминал на власта, а меѓу нив и такви кои го илустрираат синџирот на проследување на следењата на граѓани во полицијата.

Техничка влада повеќе не е во игра

Зоран Заев изјави дека опцијата техничка влада пред избори повеќе не е во игра.

– Ќе треба да се подготви терен за избори, а не само да се оди на избори. Затоа техничка влада повеќе не е опција, туку експертска, технократска итн, за да и дадеме шанса на Македонија. Дури потоа избори, изјави Заев.

Заев повторно изјави дека нема доверба во обвинителството, но повика надлежните да се охрабрат и да постапат според законите.

– Што да очекувам, па обвинителот за организиран криминал Јован Илиевски му е баџанак на Сашо Мијалков, зарем да очекувам дека тој ќе ја процесуира нашата пријава за криминал. Но, ако некој од обвинителството се одважи јавно ќе го поздравам да биде пример за идните генерации, рече Заев.

– Целата вистина ќе им биде соопштена на граѓаните, нека нема дилеми дека Заев нешто калкулира, секако притоа ќе водиме комплетна грижа за достоинството на поединецот. Груевски мора да падне од власт, а тој ќе падне затоа што е заплеткан во оваа каша и од тоа нема бегање. На некои следни избори Груевски нема повеќе да биде политичар. Симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ треба да знаат дека ова не е борба против ВМРО ДПМНЕ бидејќи и тие и се потребни на Македонија, но не со овие луѓе, рече претседателот на СДСМ.