Зошто Унгарија не ги сака косовските бегалци?

од desk3
122 прегледи

Српско-унгарската граница е влезната врата за косовските бегалци кон ЕУ. За повеќето Косовци Унгарија е само транзитна земја, но незадоволството спрема нив расте, подгреано од владината кампања против миграцијата.

Претседателот на фракцијата на владејачката партија Фидес Анталија Роган избрал особено место за својата прес-конференција – еден од пероните на источна станица во Будимпешта . И додека го очекуваа доаѓањето на шефот на фракцијата, новинарите станаа неволни сведоци на полициската проверка на едно семејство од Косово. Полицајците ги проверуваа документите и ги одведоа Косоварите. Малку подоцна Анталија Роган застанува пред микрофонот и почна да зборува за “алармантното зголемување на бројот на мигрантите” и инсистира на построги миграциски закони. Според Роган, во иднина илегалните мигранти треба да бидат приведени од полицијата додека трае разгледувањето на нивните апликации за азил. Во краен случај Унгарија требало да ги заостри законите и покрај постојното европско право. Пресконференцијата на Анталија Роган е дел од големата кампања на унгарската влада против миграцијата.

Премиерот Виктор Орбан ја иницира оваа кампања во почетокот на јануари по терористичките напади во Париз. “Економската миграција кон Европа не ни носи никакви бенефиции, туку само јадови и ризици. Затоа ние треба да престанеме со миграцијата. Ние не сакаме меѓу нас да има значително малцинство од луѓе со различна од нашата култура. Јас сакам да се сеќавам на Унгарија за Унгарците”, изјави тој во Париз.

Агресивна реторика

Со хроничниот популизам Орбан налева вода на воденицата на десничарските екстремисти од партијата “Јоббик”, која освои речиси 20 проценти од гласовите на парламентарните избори во април 2014 година и стана трета политичка сила во Унгарија. Со години “Јоббик” инсистира за построги миграциски закони и со слоганот: “Унгарија – на Унгарците” заработува гласовите на избирачите. При тоа Унгарија спаѓа во земјите во ЕУ со рестриктивни миграциски закони и со најмал број на мигранти и баратели на азил. Минатата година 43 000 луѓе аплицирале за азил. Одобрени се молбите на едвај 500 луѓе. Во 2012 година во Унгарија се регистрирани 2 200 молби за азил. Егзодусот на косовски граѓани, сепак доведе до зголемување на бројот на баратели на азил уште во почетокот на оваа година. Од јануари унгарските власти регистрирале околу 25 000 илегални имигранти. 13 000 од нив поднеле молби за азил во Унгарија.

Внатешно-политичка мобилизација

Политикологот Атила Јухас тврди дека зголемување на бројот на мигрантите е добредојден за владата на Виктор Орбан. “Владата ја стави миграцијата на прво место во агендата и на тој начин сака да ја поврати политичката иницијатива. Бидејќи во последниве неколку месеци популарноста на Орбан и неговата владејачка партија падна многу поради серијата корупциски скандали и непопуларни мерки како данокот на ползваването на интернет и други “, вели Атила Јухас.

Всушност во Унгарија не се забележува влошување на проблемите свразни со миграцијата. Во последните 25 години, стотици илјади луѓе добија унгарско државјанство, но тоа беа исклучително членови на унгарските малцинства од соседните држави. Германците и Американците ја сочинуваат најголемата група странци кои живеат во Унгарија. Бројката на граѓаните од земјите од поранешна Југославија, како од арапски, африкански и азиски земји е околу неколку илјади.

Бреме ли се бегалците?

Во последно време се засили миграцискиот бран особено во Јужна Унгарија по границата со Србија. Од Суботица секој ден во Унгарија влегуваат стотици бегалци, претежно од Косово. Повеќето од нив сепак сакаат да го продолжат патот кон Австрија или Германија. Соседниот српски град Суботица се претворил во дистрибутивен центар за бегалци од Косово. Градоначалникот на соседниот унгарски пограничен град Асоталом – Ласло Торочкај проценува дека на ден во Унгарија влегуваат до 3 000 бегалци од Косово. “Ситуацијата се толерира. Доаѓаат цели семејства со мали деца. Веќе има и починати од студ. Бегалците ги загрижуваат локалните жители, тропаат на вратите на куќите, палат огнови и расфрлаат ѓубре”, вели градоначалникот.

Ласло Торочкај е еден од основачите на неонацистичките младински групи, а денес е приврзаник на партијата “Јоббик”. Властите ги отфрлаат неговите критики против недоволна гранична контрола. “Од есента наваму, владата во Будимпешта го зголеми значително бројот на граничните полицајци”, вели директорката на пограничната полиција во Будимпешта Гизела Ваш. Во меѓувреме Унгарија добива помош и од соседните земји. Десетици австриски и германски полицајци се распоредени на границата со Србија во помош на унгарските колеги.