Со обраќање на македонски, албански и турски јазик, пред групата студенти и професори Пленумци од Педагошкиот факултет, штотуку прогласија бојкот на наставата.

Во моментов, тие одат од предавална во предавална и ги повикуваат своите колеги да им се придружат, јавува TВ НОВА.

Аулата на Педагошкиот факултет е исполнета со транспаренти „Стоп за лошите реформи“, „Стоп за Академија“, со што Пленумци истакнуваат дека нивниот револт е насочен кон Законот за високо образование а посебно кон Законот за академија на наставници, која особено ги засега студентите на Педагошки.

– Се собравме тука за да го објавиме приклучувањето и на Педагошки кон студентските протести кои веќе се одржуваат на дел од факултетите. Нашиот бојкот започнува денес а ќе трае се додека не се задоволат нашите барања. Нашите барања се донесување на нов закон кој ќе ги земе во предвид интересите на студентите и професорите и цврсто стоиме на ставот, дека воведувањето на Академијата е непотребно. Со оваа постапка се гази по достоинството на универзитетските професори и студентите, затоа сакаме гласот на иднината да биде слушнат, изјави Радмила Кметовска, студентка на Педагошки.
Засега тие немаат одлучено дали ќе прогласат Автономна зона, пред се поради нехигиенските услови на факултетот.