Албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати повика за нормализирање на односите меѓу Тирана и Белград. Според него тоа е потребно поради значењето на двете држави во регионот, уште повеќе што НАТО не треба да дозволи Балканот да се претвораат во терен за игри за Русија и други земји.
“За прв пат во историјата има мир на Балканот, кој овозможува јасна европска перспектива”, вели Бушати пред австрискиот весник “Стандард”.
Според албанскиот дипломат билатералните односи помеѓу Албанија и Србија не се едноставни, но тие треба да бидат нормализирани. Во оваа смисла тој потсетува на фактот дека по 70 години албански премиер направил официјална посета на Србија и се очекува српскиот премиер да ја посети Тирана во наредните шест месеци.
Бушати смета дека еден од проблемите меѓу Албанија и Србија е фактот дека граѓаните на двете страни знаат многу малку работи едни за други. “Неопходна е поголема мобилност меѓу Албанците и Србите и тоа ќе им овозможи на младите генерации да растат во друга средина. Јас сум убеден дека има многу заеднички нешта меѓу нас, зашто сме на Балканот”, вели уште Бушати.
Албанскиот дипломат смета дека не треба да се дозволува Балканот да се претвораат во терен за странски играчи, имајќи предвид Русија, но и други држави кои не ги делат вредностите на НАТО.
Бушати повика НАТО да дејствува стратешки и да обезбеди перспектива за членство за сите земји од Балканот.
