
Анкара може да помогне за намалување на исламофобијата, но прво мора да воспостави своја демократија, пишува во коментар во весникот “Фајненшл тајмс” претседателот на Центарот за економски и меѓународни студии во Истанбул (EDAM), Синан Јулген.
Ќе обезбеди ли на Турција растечката исламофобија во Европа влезен билет за ЕУ? Реџеп Таип Ердоган изгледа мисли дека тоа ќе се случи и турскиот претседател може да е во право, но за погрешни причини. При посетата на Сомалија, каде Анкара спроведува широка програма за хуманитарна помош, минатиот месец Ердоган изјави дека Европа ќе може да има успех во борбата против исламофобијата, само ако ја прифати Турција како член.
Неговотот мислење почива на тврдењето дека судбината на турско-европските односи ќе е исклучително важна во напорите за спречување на понатамошно отуѓување на муслиманското население во Европа. А по реакциите минатиот месец за крвавите напади во Париз, Европа сигурно има потреба од повеќе координирани напори за справување со предизвиците – радикализацијата и исламофобијата, наведува авторот.
Ердоган смета дека Турција може да придонесе за остварување на таа цел, бидејќи е единствената претежно муслиманска земја со секуларна демократија. Нејзината способност сепак да и помогне на Европа да постигне повеќе хармонични односи со муслиманското население ќе се утврдува со тоа каква ќе биде. За да ја докаже валидноста на аргументите на Ердоган и да охрабри други либерални демократии, Турција мора да покаже дека може да воспостави своја верзија на либерална демократија, основана на владеењето на правото, со јасно одвојување на религијата и државата, нагласува Јулген.
Во управувањето на Ердоган продолжи вековниот стремеж да создаде нов државен модел и тој влезе во критична фаза. Се намтнува мислењето, според кое одлуката на минатите генерации од управувачката елита да ја поврзат земјата цврсто со Западот била погрешна. Според тоа гледиште, усвојувањето на западниот модел ја повлекува земјата од исламското наследство и ја поткопува нејзината способност да ја оствари очигледната предодреденост на нејзиниот водач за исламска цивилизација. Ова разбирање го поддржува враќањето на верскиот идентитет на Турција.
Турскиот премиер Ахмед Давутоглу се вклучи меѓу другите лидери во маршот во Париз за поддршка на слободата на печатот, но Турција продолжува да слегува на светските листи во почитувањето на личните слободи. Додека државните агенции се трудат да го совладаат протокот на странски џихадисти кои имаат намера да се приклучат на “Исламска држава” во Ирак и Сирија, турски веб портали кои ја поддржуваат ИД, продолжуваат да шират искрени џихадистички пораки.
Современата историја, вклучувајќи ја и онаа на Турција, покажува колку бескорисно е да се наметне државно гледање на едно големо и хетерогено општество. Ова може да предизвика само јавно незадоволство и напнатост. Турција може да изгради иднина на мир и просперитет за своите граѓани само ако политичарите пројават волја да се постават темелите на поинтегрирана и демократска држава. Поврзување повторно со Европа е единствениот пат.
По трагедијата со “Шарл ебдо” има уште повеќе причини европските лидери недвосмислено да го прифатат европскиот сон на Турција. Ако Турција не успее да ги зацврсти темелите на вистинска либерална демократија и дозволи поделбата на религијата и државата да ослаби, напорите на Европа да го направи исламот дел од општеството ќе бидат спречени. Самата Турција нема да може ефикасно да ја одбива растечката плима од екстремизам во Блискиот Исток.
Европа, за возврат, ќе изгледа неуспешна во искреноста на основните принципи, ако им сврти грб на единствените напори за поврзување на западните и исламските вредности.