Свлечиште, во непосредна близина на битолското село Драгарино, го оштети главниот канал за технолошка вода која ЈП „Стрежево“-Битола им ја испорачува на компаниите од приватниот и јавниот сектор во индустрискиот дел на општината.

Свлечиштето, според Марјан Героски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола, во моментов не претставува опасност, но преземени се мерки за заштита и решавање на овој проблем.
– Веднаш по оштетувањето на цевководот и прекинот на снабдувањето со технолошка вода, го активиравме стариот цевковод и продолжуваме со непречено испорачување на технолошка вода за потребите на РЕК Битола и други индустриски капацитети, рече Героски.
За активирањето на свлечиштето информирани се професори, стручни лица од градежниот факултет при УКИМ-Скопје кои треба да посочат какви активности треба да се преземат за времено и трајно решавање на проблемот со свлечиштето.
– Бидејќи станува збор за голем притисок што го прави свлечиштето ангажиравме градежна мехазниација за справувањето со овој проблем кој ќе го решиме за ден-два. Потоа ќе извршиме „бај-пас“ на теренот за повторно да го ставиме во функција цевководот кој се користи за испорака на технолошка вода до РЕК-Битола, посочи Героски.
Заради прекинот на главниот индустриски цевковод, дел од корисниците користат алтернативни извори на вода или, пак, работат со намален обем, потврдија од ЈП „Стрежево“-Битола./МИА фото МРТ