Еврокомесарот за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини денеска на прес-конференција посочи дека е подготвена да ги следи препораките на Европскиот парламент (ЕП) кој од неа побара да помогне да се најде излез од оваа политичка криза. Според неа Македонија се наоѓа на агендата на ЕУ и таа, заедно со комесарот Хан работеле врз Балканот и врз Македонја која е една од “земјите клучни за регионот”.
“Ги прочитав препораките на Европскиот парламент, ја следам дебатата и спремна сум тоа да го следам заедно со комесарот Хан. Нашата работа на Балканот е координирана и сигурна сум дека ќе остане на нашиот дневен ред. Кога станува збор за прашањето на нестабилност, се плашам дека веќе не е прашање дали во Македонија ќе има нестабилност“, рече Могерини.
Комесарот Јоханес Хан додаде дека е во редовен контакт со македонските лидери и дека лидерите ја прифатиле понудата на ЕП за посредување во кризата.
“Двете страни треба да направат чекори, треба да ја почитуваат правната држава, треба да го почитуваат судството, треба да ја почитуваат слободата на медиумите и треба да имаат исти политички стандарди во однос на работата на парламентот како што тоа е случај во други земји. Од тие причини еминентни пратеници од Европскиот парламент исто така рекоа дека се спремни да арбитрираат помеѓу различните партии во земјата.За да може да се задржи европската перспектива навистина е неопходно проблемите да се решат во земјата и да се вратите назад на адекватните меѓународни и европски стандарди”, рече Хан.
Хан предупредува дека Македонија ќе ја загуби препораката за преговори за членство доколку не успее на демократски начин да се извлече од оваа криза.