(ВИДЕО) И Пендаровски со кривична: Сум бил прислушуван 3 години, но и во изборната кампања за претседател

од desk3
123 прегледи
До Основното јавно обвинителство денеска се доставени дополнителни материјали за проширување на поднесената кривична пријава од страна на СДСМ за неовластено прислушување.
Материјалите ги доставија заменик претседателката и секретарот на СДСМ Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, носителот на столбот Партнерства за демократска Македонија Стево Пендаровски, претседателот на НСДП Тито Петковски, како и поранешниот претседател на ЛДП и градоначалник на Центар Андреј Жерновски.
Во прилог на поднесената проширена кривична пријава се и тонски записи и стенограми кои ги објави претседателот на СДСМ Зоран Заев. Според Пендаровски, доказите кои се приложени со пријавата се однесуваат на период од четири години, а прислушувањето било спроведено поради како што рече, политичка мотивација и без реална причина.

Пендаровски рече дека надвор од законските прописи бил следен дури четири години, а власта го знаела секој негов чекор за време на претседателската изборна кампања што според него фрла црна дамка кон изборниот процес и конечниот исход.

Во наредниот период со објавувањето на доказите кои ги поседува СДСМ, Пендаровски најави дека ќе се демаскира и легитимитетот на изборите од каде власта ја црпи својата сигурност.

„Јас сум конкретно прислушуван од февруари 2011-та година, а тоа значи три години пред претседателските избори. Тоа е најава за тоа што ќе следи во наредниот период и го најавуваме како Здружена опозиција, да видите какви беа во суштина изборите и зошто беа изборните резултати такви. На крајот тоа е индикација само дека ќе имаме и други работи на таа теза“, изјави Стево Пендаровски.
Пендаровски зад одлуката да се прислушува целата опозиција, ја гледа идејата на власта или можноста однапред да го знаат секој чекор на опозицијата. Вели дека основа за прислушување не се индикации за одредени криминални дејности, а во овој случај тоа е политички мотивирано за да се стекне предност.