Пендаровски: Не е време за делби, режимот е на колена (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
89 прегледи

Не верувам дека има човек на којшто му е Македонија овде, во срцето, денеска, вечерва, a да не му е полно и срцето и душата кога го гледа овој народ во салава, пред салата, во цела Македонија, во сите села и градови, во дијаспората. Оваа енергија, оваа посветеност, оваа решеност што ја гледам на вашите лица, докажува дека сме на вистинскиот пат и дека крајот на режимот доаѓа.

Pendarovski, tribina

Почитувани пријатели,

Порано знаевме дека најголемите непријатели на Македонија се надвор од нашите граници.

Македонија, почитувани пријатели, никогаш во својата историја како независна држава 24-25 години, никогаш не била соочена со поголем предизвик.

Ако порано бевме сигурни, ако беше јасно дека нашите најголеми непријатели се надвор од нашите граници, денеска ни е сосема јасно на сите дека најголемиот противник на македонската слобода и демократија, на самата македонска држава, е т.н. Влада во Скопје.

Сакам ова посебно да го нагласам на почетокот. Режимот прислушувал над 20 илјади луѓе. Притоа, не гледал дали се од оваа вера, од онаа нација или од било која политичка партија. Прислушувал сé што не мисли како нив.

Затоа мислам, и тоа го гледам вечерва овде, дека единствениот начин да му се спротивставиме е сите граѓани, независно од вера, од нација, од партија, заедно во општонароден фронт.

S.Pendarovski

Не толку одамна, Македонија беше лидер во регионот. Овој регион никогаш, за жал, не бил предводник на демократските процеси во Европа. Секогаш бил на дното, на крајот, на опашката.

Но, ние во еден таков регион, до пред 5-6 години бевме лидери. Увезувавме европски вредности и овде имаше воздух слободно да се дише. Денеска сме на опашката на најлошиот регион во Европа. Сите нé поминаа. Не постои една држава во нашето опкружување којашто не е подобра од нас, која не напредува побавно или побрзо, но, напредува.

Каде сме ние? Ние не стоиме во место. Ние се враќаме назад, на раните почетоци на независноста, кога не знаевме дали ќе ја биде македонската држава.

Во овој момент, безбедносниот систем е растурен. Сите витални институции се во аут или се контролирани од двајца, тројца. Не се контролирани од партијата на власт, туку од врвот на таа партија. Само за неколкумина работи целокупниот државен апарат.

Ние како граѓани сме понижувани, угнетувани и засрамени од практикувањето на власта, на оваа врхушка којашто ја држи киднапирана целокупната држава и народ.

Поминуваме во изминативе недели со моите колеги од опозицијата, низ градовите и селата на Македонија, ширејќи ја „Вистината за Македонија„.

Морам да ве убедам, да ве уверам, дека поголема поддршка опозиционата, здружената опозиција, никогаш немала.

„Вистината за Македонија„ пробива и до последниот човек во оваа земја и таа поддршка расте и така ќе продолжи и во наредните денови.

Од нашите контакти коишто ги имаме со клучните меѓународни фактори, неподелено е мислењето дека, како што поддршката расте внатре, во нашите граници, така и надвор од нашите граници. На влијателните фактори им е јасно дека нашите аргументи се несоборливи. Дека во Македонија постои диктатура и дека постои цел слободарски народ кој оди наспроти нив и сака да ги симне од власт.

 

Почитувани пријатели,

 

Наспроти себе имаме прилично добро организиран режим. Да немаме никакви илузии околу тоа. На таков режим треба да му се спротивстави, исто така, организирана, демократска, слободарска, политичка структура.

Оваа структура којашто ја гледате, овие луѓе и надвор од салата и низ Македонија, се единствената политичка алтернатива којашто може да го запре слободниот пад на Македонија.

Меѓутоа, никој да нема илузии дека е доволно што сме собрани во вакви броеви. Ние мораме да направиме општомакедонска, сенародна коалиција, со сите слободарски граѓани и на таков начин, за најмногу еден до два месеца, да му кажеме збогум на овој режим којшто ја малтретира Македонија.

Како да излеземе најбрзо и со најмалку лузни, надвор од оваа криза. На ниеден начин тоа не е возможно. Ни на сон, ни на јаве, со луѓето коишто ја донесоа Македонија во ендек, којашто ја заковаа за дното и коишто немаат намера да си одат, иако не работат во интерес на граѓаните.

Значи, само луѓе со име и со презиме, само луѓе коишто се без хипотеки, коишто немале никаков криминал. Професионални, стручни луѓе можат да ја водат државата напред, а не оваа банда криминалци којашто нé малтретира девет години.

sdsm-tribina-zaev-aplauz

Сакам за крај една порака да упатам до сите вас, последна за вечерва.

Не е време за делби. Мораме да бидеме сплотени како никогаш досега. Ако сме поделени, тие тоа едвај го чекаат и ќе го искористат.

Значи, мојот апел до сите вас, до сите нас е, заеднички, сплотено, единствено, до конечната цел. Слободна, демократска и европска Република Македонија.

Времето коешто е пред нас е критично. Сакам да знаете, мислам дека сите го делиме тоа уварување. Режимот е на колена, но не е победен.

Наша задача е тоа да го направиме, а ќе го направиме само ако сме сплотени, единствени, со една мисла во главите.

Македонија назад во цивилизацијата, меѓу нормалните нации и држави.

Да сте живи и здрави!

Да живее Македонија!