Фабриката за производство на феролегури, „Југохром“ од Јегуновце, денеска соопшти дека започна со имплементација на проектот со кој се предвидува изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството на фабриката.

Целокупната инвестиција која опфаќа изградба и опремување на три филтер станици, планирано е да се заврши до крајот на оваа година.
Изградбата на филтер станиците чиј габарит ги надминува дури и димензиите на производствените погони на фабриката, ќе овозможи задржување на прашината која се создава со производство на феросилициум и прочистување на чадот кој се испушта од фабриката до ниво на концентрација на ПМ10 честички од 10mg/m³. Според позитивните прописи дозволената концентрација на ПМ10 честички во воздухот изнесува 50mg/m³.
Работата на филтер станиците покрај заштита на животната средина ќе овозможи и нови вработувања во фабриката која во моментот работи со половина капацитет и има над 1.000 вработени.
Фабриката за производство на феролегури Југохром, произведува феросилициум, легура која во главно се користи како суровина во челичната индустрија. Работењето на фабриката има значајно влијание врз економијата на земјата, учествувајќи со 0,9 отсто во БДП и 7 отсто во извозот од металопреработувачката индустрија. Покрај редовните вработувања, функционирањето на фабриката овозможува уште над 5.000 индиректни вработувања во компании чие работење е поврзано со Југохром.