Мнозинството членови на Државната изборна комисија решило дека ДИК не е надлежна да расправа за нерегуларности во изборите што ги обелодени СДСМ, откако во петокот ги разгледале материјалите доставени од опозицијата.
„Ја ставив точката на дневен ред, но дел од членовите сметаа дека разгледувањето на овие материјали не е во надлежност на ДИК. Ова беше ставено на гласање и со мнозинство гласови беше решено дека не е наша надлежност. Побарав и ДИК официјално до Јавното обвинителството да ги препрати материјалите што ги добивме, но и тој предлог не помина“ – вели Никола Рилковски, претседател на ДИК.
Прво се гледа дали органот е надлежен. ДИК се прогласи за ненадлежна, а истото може да се достави до надлежен орган – тоа е Јавното Обвинителство. Со мнозинство гласови не помина предлогот да биде проследена таа претставка до Јавното обвинителство, со образложение дека тоа веќе го направила самата СДСМ, изјави заменик претседателот на ДИК, Субхи Јакупи.
Во овој момент, ДИК не може да постапува. Но, Јавното обвинителство може, вели Јакупи.
Имаше про и контра аргументи, но во овој момент ДИК толку може да направи со оваа претставка. СДСМ ја достави до Јавното Обвинителство и сигурно дека тоа треба да постапи по овие изборни нерегуларности што ги достави СДСМ, вели Јакупи.
