Ме обвинувале дека сум го бранел Мухамет Зеќири зошто го раскинал договорот со Васко Ефтов поради последната емисија „Во центар“ посветена на војната во Косово. Прво постот е на мојот приватен фејсбук профил. Нема врска со ЗНМ. Зарем јас немам право да ги изразам моите ставови како граѓанин и новинар?! Што сакаат овие пропагандисти и на социјални мрежи началници да не цензурираат?! Е тоа нема да може. Раката на началниците не стига до фејсбук. Фала му на Зукерберг. Лага е дека сум го бранел Мухамед Зеќири затоа што мојот пост за емисијата на Ефтов е објавен пред одлуката на Алсат-М да го откаже договорот со Ефтов. Лоши пропагандисти, како не го приметиле овој непобитен факт. Или не знаат и датуми и време да читаат? За нив не се битни фактите, туку тие функционираат по принцип, нареѓење-извршење. Нема што да мислат и да проверуваат, партијата за нив мисли. Тие само остваруваат!“
Ова на својот ФБ го пишува Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија. „Втората брутална лага на пропагандистите на власта е дека ЗНМ не ги бранел новинарите. Нека кажат само еден пример кога некој новинар се обратил во ЗНМ за помош и не ја добил. Таков нема. Ако некој имал проблем и не сакал да го споделува тоа со ЗНМ, тоа не е проблем на ЗНМ. Ние секогаш ја почитуваме одлуката на нашите колеги. Ако тие сметале дека нема простор за реакција на ЗНМ, како ние да реагираме? Спротивно на нивната волја?! Па нашата цел е да помогнеме, а не да одмагаме! Началници, не се секирајте за ЗНМ и за новинарите, има кој да се грижи за нив. Спијте спокојно!“, пишува Селмани.
Претходно, исто така во свој пост на ФБ, Селмани за емисијата на Ефтов вели дека била непрофесионална и скандалозна, затоа што за косовската војна во 1999 година Ефтов еднострано говори, врз на српската пропаганда, а недостасуваат албанските протагонисти, косовските Албанци.
