Кои се компаниите за кои СДСМ тврди дека Груевски и Чинговски договарале тендери?

од Vladimir Zorba
101 прегледи

Директорите на компаниите посочени во наводниот разговор меѓу премиерот Никола Груевски и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, што вчера го објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој нагласи дека учествувале во местење тендери, денеска не беа достапни за коментар за „Плусинфо“.

Во објавениот разговор меѓу Груевски и Чинговски, во шифри, со асоцијации или по име, се спомнуваат директорите на градежните компании „Пелистер“ од Битола, „Трансмет“ од Скопје, „Гранит“ од Скопје, како и еден од сопствениците на „Силекс“ од Кратово, кои биле главни учесници на тендерите на државната компанија ЕЛЕМ. Овие компании, всушност, ги добиле јавните набавки на ЕЛЕМ во 2012 година.

Како што тогаш пишуваа медиумите, ЕЛЕМ со градежната компанија „Гранит“ потпишал договор за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот „Брод-Гнеотино“ вреден 45 милиони евра кој бил со важност од две години. Тогаш ЕЛЕМ објасни дека станува збор за редовна процедура за дисконтинуиран ископ на јаглен што не може да се копа со мали булдожери и не се пренесува на лента, туку била потребна потешка механизација. Сумата од 45 милиони евра била дел од вкупните инвестиции на ЕЛЕМ во домашни енергетски капацитети.

Друштвото за градежништво и услуги „Пелистер“ од Битола, пак, истата година со ЕЛЕМ го потпишало најголемиот тендер за 2012 година кој бил наменет за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот „Брод-Гнеотино“, вреден 53,3 милиони евра со важност од две години. Во постапка на преговарање по претходно објавен оглас, ЕЛЕМ добил четири понуди од економските оператори, а договорот го склучил со „Пелистер“.

Скопската компанија „Трансмет“ во 2012 година со државната ЕЛЕМ потпишала договор за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микролокација 3 во Рудник „Суводол“, со дотур на дробен јаглен на транспортерот. Договорот е на износ од 19,2 милиони евра и со траење од 36 месеци. ЕЛЕМ на овој тендер добил 6 понуди, а договорот го склучил со „Трансмет“.

Компаниите „Пелистер“ од Битола и „Трансмет“ од Скопје, во периодот од 2010 до 2014 година се компании кои добиле најмногу тендери од ЕЛЕМ. ЕЛЕМ со „Пелистер“ од Битола за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот „Брод-Гнеотино“, потпишал договор и за периодот од 2014-2016 година со вредност од 47,3 милиони евра. Оваа компанија потпишала и договор со ЕЛЕМ лани во вредност од 5,7 милиони евра за користење на помошна механизација.

„Трансмет“, пак, за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микролокација 3 во „Рудник Суводол“ потпишал договор и во 2013 година со вредност од 38,4 милиони евра.

На својот сајт компанијата „Трансмет“ и во референтната листа за изработени проекти ги има наведено работите кои ги имала за ЕЛЕМ и тоа главно за потребите на РЕК Битола: Ископ, транспорт и разастирање на 400.000 м3 цврста маса, јаглен и јаловина во јагленово наоѓалиште Суводол РЕК Битола (2010 г.), користење на градежна механизација – автодигалка во РЕК Битола (2012 г), транспорт и превоз на јаглен од РЕК Битола до РЕК Осломеј (2012 г.)

Ископ на јаловина и јаглен од свлечиштето на Микролокација 3 во Рудник Суводол – РЕК Битола, со дотур на јаглен, со дисконтинуирана технологија (2012 г.), ископ на јаглен и јаловина од Микролокација 3-РЕК Битола (2013 г.), како и ископ на јаловина во рудник Суводол-РЕК Битола (2014 г.).

Заедно со „Енергоинвест“ од Сараево „Трансмет“ работела и на изградба на транспортен систем за водено одлагање на пепел во РЕК Осломеј (2011) и на изградба на магистрален цевовод за хидромешавини и довод на повратна вода во РЕК Осломеј (2011).

Компанијата „Силекс“ Кратово најчесто се јавува како подизведувач на работите за компанијата „Пелистер“. Другите компании се главно мали компании кои се блиски до власта.

Наша желба беше од сите компании да добиеме објаснување за тврдењата на СДСМ и за деталите од емитуваните разговори. Но, за жал, не успеавме во нашите настојувања. Доколку засегнатите се огласат во другите медиуми, ќе ги пренесеме нивните ставови на порталот ПЛусинфо./автор на истражувањето на +Инфо Рада И. Маневска