Ахмети: Политичката криза може да се реши само со посредство на ЕУ и на САД

од Vladimir Zorba
134 прегледи

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети на првиот дводневен партиски тематски конгрес што се одржува во Скопје денеска ги повика сите партиски органи и секој член да го подигнат внатрепартиското единство, да го продолжат градењето партнерство со меѓународната заедница кон членство во НАТО и ЕУ, да продолжат со напорна работа кон целосна имплементација на Охридскиот договор и целосно остварување на рамноправноста, како и да се продолжи со одговорноста кон граѓаните.

Ахмети, пред 292 делегати на партијата на првата сесија на конгресот, на кој присуствуваа и министерот Никола Тодоров, пратеничката Силвана Бонева, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, како и претставници од СДСМ, и голем број поддржувачи и симпатизери, нагласи дека ДУИ нема да престане со нејзините активности во однос на спроведувањето на изборните, програмските и националните обврски во согласност со довербата и интересот на Албанците во Македонија.


– Имаме направено многу заедно, но уште повеќе работа имаме пред нас. Затоа и од овој Конгрес ги повикуваме сите општествено прогресивни сили кои ги делат истите вредности да ни се приклучат во нашите напори за потолерантно општество, демократско, со сигурност и стабилност, со добри меѓуетнички односи, добрососедски односи и за надминување на отворените прашања, за целосна интеграција во НАТО и започнување на преговорите за членство во Европската унија, како и со одржлив економски развој и социјална заштита, рече Ахмети.

Програмските определби, преку составување одржливи политики, подвлече тој, ДУИ треба да ги гради во соработка со властите од Брисел и Вашингтон, затоа што со евроатланската заедница, подвлече, делиме исти вредности, имаме иста цел и не обединува заедничкиот интерес, а тоа е интеграцијата на нашата земја во НАТО и Европската унија.

Во врска со објавувањето на прислушуваните телефонски разговори од страна на СДСМ, Ахмети потсети дека побарал меѓународен мониторинг со политички тим засилен со правни и истражни експерти.

Решението на актуелната политичка криза, рече, ја гледаме во итно поставување политички дијалог меѓу политичките партии со политичко посредување на ЕУ во соработка со Вашингтон со однапред одредена агенда со упорност се до нејзино целосно спроведување.

– На политичкиот дијалог мора задолжително да и се приклучи и ДУИ, бидејќи ниту едно решение за Македонија не може да биде одржливо без учество на втората по големина заедница во земјата, истакна Ахмети. Тој додаде оти исходот од политичкиот дијалог е потребен за враќање на политичката стабилност во земјата, да го отвори патот за институционално решавање на аферата со прислушкувањето, да ја врати парламентарната демократија.

Ставот на ДУИ е, посочи Ахмети, дека овој дијалог треба да произведе и национален консензус врз потребата за решавање на прашањето за името со конструктивен придонес не само од сите инволвирани страни, туку и од медиумите, цивилното општество, академските институции.

Актуелните проблеми, смета Ахмети, може да се решат само интитуционално, затоа ДУИ, како што рече, е дел од институционалното решавање.

– Се што постои за ДУИ да излезе во јавноста. Дури, секој мој разговор, било за политички активности, било приватен разговор, нека се објави. Јас не водам политика со двојни стандарди. Не водиме политичка конспирација, бидејќи слушам сценарија, најразлични, за наводно тајна соработка со СДСМ или ВМРО за ова или за тоа прашање, рече Ахмети.

Навраќајќи се на мировниот договор од 2001 година, лидерот на ДУИ оцени дека благодарение на примената на Охридскиот Договор, Македонија добила статус на земја кандидат за членство во ЕУ и се нашла на прагот од влезот во НАТО.

Во духот на помирувањето, на консензуалност, во рамки на Рамковниот договор, Ахмети побара да се забрза и процесот на социјализација на поранешните војници на ОНА. – Вредноста на развојот на консензуалната демократија во согласност со духот на Охридскиот договор и на Уставот на Република Македонија се обидовме да ја промовираме за време на претседателските избори, бидејќи сметавме дека автентичната консензуална демократија е единствениот начин да се осврне на главните прашања во државата, како што се избор на претседател, одобрувањето на буџетот, владината програма и други важни прашања за земјата, рече лидерот на ДУИ и оцени дека три албански партии во Македонија се штетни во насока на одбрана на правата на Албанците.

Во однос на медиумите, Ахмети истакна дека ДУИ има изградено партнерство со медиумите и има покажано целосно почитување на слободата на изразување.

За економскиот развој, Ахмети нагласи дека има уште многу да се направи, како што е интеграција на дијаспората во економијата на земјата, бидејќи таа претставува еден важен потенцијал на економскиот развој, и на регионалната, европската и глобалната економска интеграција. Според него, потребно е да се работи и на развојот на локалната и регионалната рамнотежа, социјална еднаквост, здравството и квалитетот на образованието за сите и намалување на невработеноста.

Ахмети ги спомена завршувањето на слободната економска зона во Тетово, Кичево и Струга со сите најавени инвестиции кои ќе отворат илјадници работни места.

На Конгресот амбасадорот Николас Бигман беше прогласен за почесен член на ДУИ.

Заедничи став во однос на објавувањето на прислушуваните телефонски разговори на странските политичари Питер Фејт, Ерван Фуере, Александрос Маљас, кои се обратија на Конгресот, како и на Даниел Сервер кој им се обрати на присутните преку Скајп, е да се формира Комисија, со меѓународно присуство, за да ја истражи и расчисти целосно ситуацијата, а опозицијата што поскоро да го прекине бојкотот и да се врати во Собранието.

Според Фејт, предизивиците со кои се соочува Македонија се прашањето за името, реформите во насока на евроинтеграциите, меѓуетничкиот дијалог, но и сериозните, како што рече, слабости како владеење на правото и парламентарниот дијалог. Тој смета дека политичката ситуација во земјата која се следи од меѓународната заедница може да се реши со инклузивен дијалог во кој мора да биде вклучена и ДУИ во име на албанската заедница.

За Сервер, објавувањето на прислушуваните разговори направиле голема штета за земјата. Смета дека треба да се поврати домашната и меѓународната доверба во институциите. Македонија, рече, има потреба од Парламент, од Влада која добронамерно ја прифаќа критиката, потранспарентни и поотчени институции, независни судии…

Поранешниот евроамбасадор Фуере смета дека за решавање на политичката криза со објавувањето на прислушуваните разговори, потребно е формирање комисија за истрага, со вклучување меѓународни авторитети. – Критичката улога треба да ја имаат граѓанското општество, медиумите и академската заедница, за да може преку отворена дебата општеството да заздрави, рече Фуере.

Александрос Маљас во однос на решавањето на прашањето за името повтори дека Грција останува на позицијата за име со географска одредница, но чувството на Атина, истакна, е дека сега нема одговорен политички пандан во Скопје. – Атина наскоро ќе и предложи на вашата Влада пакет мерки за градење доверба. Постои политичка потреба да се понуди на младите генерации подобра перспектива. Треба да се направи километар нанапред, за тоа пак ДУИ треба да биде катализаторот во решавањето на прашањето на името, рече меѓу другото Маљас. /МИА