„Прашањето за можноста за формирање преодна влада треба да биде дел од разговорите меѓу двете страни“ – вели амбасадорот на Велика Британија во Македонија Чарлс Гарет во мини-интервјуто за емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ. Неговите проценки се дека добар почеток во процесот би бил владин коментар за содржината на објавените прислушувани разговори.
„Не е до мене, како амбасадор на Велика Британија, да коментирам кое решение за оваа криза Македонија треба да го изнајде, но јасно е дека за тој конкретен пристап многу се зборува и треба да биде тема на разговори во процесот во кој двете страни ќе работат на изнаоѓање решение. Токму стигнувањето до решение ќе бара многу креативност, трпеливост, напорна работа, многу компромиси од двете страни и секако искрени разговори. Но, ако двете страни можат на тоа да се фокусираат и тоа да го разберат, да бараат долгорочна, стратешка добит, тогаш има добра шанса за постигнување решение. Содржината на обелоденетите разговори, како и самото прислушување се исклучително сериозни работи и бараат сериозно справување. Секако, добар почеток би бил коментар од владата за содржината на обелоденетите разговори и добар нареден чекор би бил дух на компромис, конструктивност, креативност од сите инволвирани страни на состаноците и дискусиите во обидите за наоѓање решение“ – вели Гарет прашан која е неговата позиција за идејата за преодна влада.
Во однос на прашањето можат ли само три членови на Европскиот парламент да помогнат во надминувањето на политичката криза во Македонија Гарет одговара:
„Можат да помогнат и е многу добар почеток на процесот што денеска во Брисел се одржува состанок, но ови три европратеници секако не можат да го донесат решението во целост. За тоа ќе бидат неопходни внатрешни чекори од главните актери во Македонија – да се сретнат и со конструктивен пристап и компромис за да се дојде до одржливо и логично решение. Мислам дека она што меѓународната заедница може да го направи е да го мподдржи тој процес на изнаоѓање решение, но секако ние не можеме во име на Македонија да го најдеме решението. Сметам дека еден од најважните фактори е за сите учесници да се придржуваат до долгорочните стратешки цели за утврдување каква Македонија сакаат за 5 или 10 години отсега. Треба на тоа да се фокусираат и да избегнат искушенија за запаѓање и остварување краткорочна тактичка предност зашто тоа само дополнително ќе го комплицира процесот за наоѓање решение. Исто така на ум треба да се има дека во сите кризи постои и шанса и сега таа шанса за Македонија е да излезе од кризата како посилна држава, со посилни демократски институции, да излезе како подобра, посигурна држава, како пофер и попросперитетна земја за своите граѓани“ – одговара Гарет.
