Македонија се наоѓа во најголемата политичка криза од самостојноста до сега, а на повидок нема излез од овој ќорсокак, вели за Телма, австрискиот експерт за Балканот и професор на Универзитетот во Грац Флоријан Бибер. „Обвинувањата до владата се сериозни и мора да има независна истрага, но не од домашните институции. Независно тело треба да ја спроведе истрагата бидејќи домашните судови немаат кредибилитет во регуларна процедура да прават истрага“, смета Бибер.
– Истрагата треба да се води од независно тело или група, кое во моментов го нема. Обвинувањата се премногу сериозни и го дискредитираат судството. Така што, идејата дека судството може да спроведе истрага во регуларна процедура не е кредибилна опција. Мислам дека е важно некое независно истражно тело, кое навистина ќе работи темелно на обвинувањата, кое ќе биде прифатено, почитувано и од власта и од опозицијата и ќе направи извештај за тоа што се случува – вели Бибер.
Се сомнева дека нивото на преговорите на европарламентарци, може да донесе резултат. Овој потег, вели тој, значи дека Унијата реши да проба со стратегија на помал ризик.
– Сериозно се сомневам дека тоа ниво е доволно за да се придвижат работите напред. Би бил многу задоволен ако успеат, но мислам дека ова ниво на преговори ја нема политичката тежина зад себе за да се направи исчекор. Се работи повеќе за пристап на ЕУ со стратегија за мал ризик. Ако не успеат европарламентарците, не е некоја катастрофа за Европската Унија. Но, не мислам дека тоа ниво е доволно. Мислам дека нивото треба да е со некој како Федерика Могерини, Јоханес Хан, некој од врвните позиции во институциите на ЕУ. На нив да им се приклучи и некоја од посилните земји членки на Унијата. Од големо значење е на Владата да и се даде јасен сигнал па дури и закана за одземање на кандидатскиот статус на Македонија“, смета Бибер.
Сепак, признава дека ова што и се случува на Македонија не дојде преку ноќ. Европската унија замижуваше пред одредени состојби за да компензира или направи притисок врз Грција, но сега оваа политика се враќа и ја прогонува Унијата. Грчкото вето, според Бибер ја дискредитираше Европската унија во Македонија и ги ослабна нејзините позиции. Затоа сега, е потребен сериозен меѓународен мониторинг на целиот процес, па ако треба, вели тој, и паралелно броење на гласовите при евентуални избори.
