Меѓународната заедница може да помага, но земјата треба да покаже дека има демократски капацитет за да одговори на ситуацијата, а тоа може да се случи само преку дијалог и одговорно однесување на државното раководство во интерес на сите граѓани, вели Роберто Батели, специјален претставник за југоисточна Европа во Парламентарното собрание на ОБСЕ, во интервјуто за Радио Слободна Европа .
Специјалниот претставник посочува дека постои загриженост за турбулентните политички случувања во земјата, а мисијата на ОБСЕ сериозно ја следи ситуацијата.

„Секако дека има потреба од обновување на довербата во правичноста, независноста и самостојноста на државните институции, а засегнатите страни се повикани да го направат тоа„.
Батели додава дека одговорните фактори во земјата мора да се однесуваат одговорно и да ја вратат довербата во демократските институции.
„Тие чекори мора да бидат преземени. Вашата земја има драматични искуства од минатото, а проблемите беа решени само кога политичкиот дијалог беше продуктивен и кога сите се согласија што треба да се направи. Сите ние знаеме дека демократијата, поделбата на власта, човековите права, сите тие работи не се дадени еднаш засекогаш. Тие мора да се градат во секојдневната борба„./извор Радио Слободна Европа