Прекинот на курдските немири во југоисточна Турција ќе ја отвори трговијата со Иран, Ирак и евентуално Сирија, што ќе даде нов почеток на заостанатата економија во сиромашниот регион, пишува агенцијата “Ројтерс”.
Лидерот на курдските бунтовници Абдула Оџалан, кој е во затвор, минатиот месец изјави дека е време да се прекине 30-годишниот вооружен отпор, во кој загинаа 40 000 луѓе. Тоа ги обнови надежите за постигнување мир и економско заздравување на регионот каде што приходите на домаќинствата се половина пониски во споредба со просекот за Турција. Југоисточна Турција сепак има потенцијал да развие земјоделство , екстракција на мермер и на гас од шкрилци. Освен тоа регионот се наоѓа поблиску до блискоисточните пазари.
“Југоистокот е многу плоден и има голем потенцијал. Бизнисмени доаѓаат тука за да бараат инвестиции, но не и додека не се воспостави мир”, вели 45-годишниот Ахмет кој држи книжарници во близина на најголемата џамија во Дијарбекир.
Преговорите меѓу Курдската работничка партија (ПКК) на Оџалан и турските власти започнаа пред повеќе од две години- остануваат деликатни и се очекува да произведат мирно решение но не особено брзо. Недовербата и на двете страни останува голема, локалното население е скептично кон потенцијалот на властите да стимулираат раст во регионот.
Нови центри алудираат за просперитет во некои делови на Дијарбекир, но тоа останува само фасада на градот. “Не довршија банките банките и лихварите. Нема економија, нема фабрики. Сега само убиваме време тука како и сите други”, вели неименуван 48-годишен маж, градежен работник.
Според официјалните податоци, стапката на невработеност е околу 16%, но локалните тврдат дека оваа статистика не ги вклучува десетиците илјади сезонски работници, кои не се регистрирани како да бараат работа. Се претпоставува дека реално невработените се 40% од населението.
Сточарството, некогаш клучен дел од локалната економија, беше сринато од конфликтот, почнат во 1994 година, кога ПКК го започна својот вооружен бунт. Нестабилноста наштети и на земјоделството, и на развојот на рударството.
По посетата на Турција минатиот месец инвестициската банка JP Morgan изјави дека земјата има потреба од свеж капитал, и го посочи е курдскиот регион како пример. “Завршувањето на курдскиот мировен процес ќе ги израмни приходите во источна Турција и заедно со потенцијалот на иранските и сириските пазари се сметаат за извор на клучен потенцијал”, тврдат експертите од JP Morgan.
Некогаш регионот генерирал една третина од турскиот извоз на мермер за Кина. Денес овој удел е околу една петтина.
Минатиот месец премиерот Ахмет Давутоглу, објави пакет од 10 милијарди долари за оживување на постоечкиот децениски план за стимулирање на хидро-погоните за наводнување и земјоделство. Програмата е позната како Југоисточен анадолски проект.
Владејачката Партија на правдата и развојот вели дека властите имаат инвестирано 13,9 милијарди турски лири (5,4 милијарди долари) во инфраструктура, домување, образование и здравствена заштита во провинцијата Дијарбакир само во 12-те години на власт.
Анкара тврди дека извозот од југоисточна Турција е зголемен за 10 пати до околу 10 милијарди долари. Критичарите велат дека две третини од овој обем се генерира од провинција Газиантеп на запад, која речиси не е засегната од конфликтот со ПКК. Во Дијарбекир, каде што живеат околу 1,6 милиони луѓе, извозот лани изнесувал 313 милиони долари.
“Сметаме дека треба да се примени позитивна дискриминација со сериозни инвестиции во јавниот сектор, како што е во другите региони. Ова ќе ја намали невработеноста, сиромаштијата, заостанатоста”, вели заменик-градоначалникот на Диарберкир Фират Анли.
Прекинот на огнот пред две години во голема мера се почитува, но понекогаш има одделни манифестации на бунт – запалени автомобили или киднапирање на работници поврзани со градежни проекти како што се аеродромите и брани.
Во октомври десетици лица загинаа при курдските протести против “неактивноста” на Турција, кога “Исламска држава” го зазеде Кобане – курдски пограничен град во Сирија.
“Овој регион е жеден за мир веќе 30 години. Двете години од почетокот на мировниот процес ги намалија тензиите и луѓето почнаа да инвестираат. Проблемите сепак повторно создаваат застој”, вели Алиџан Ебединоглу, претседател на локалната бизнис асоцијација.

