Државната изборна комисија денеска потврди дека референдумот на општина Центар за изгледот на ГТЦ ќе се спроведе на 26 април на 78 избирачни места. Избирачкиот список со вкупно 43.461 гласач ќе биде ставен на јавен увид и проверката ќе трае седум дена почнувајќи од денеска.
За да биде успешен референдумот ќе мора да гласаат ЗА 21.731 гласач и така ГТЦ да го зачува стариот изглед и да не добие барокна фасада, иако референдумот не е обврзувачки.
Претседателот на ДИК, Никола Рилковски истакна дека постои опасност и понатаму да има пријавено по 50-тина гласачи во еден стан во општина Центар алудирајќи на жителите на Пустец. Таквите гласачи иако може да не излезат на референдумот за да гласаат против, затоа што тука е важно дали ќе има над 50 проценти ЗА, сепак фиктивно ја зголемуваат бројката гласачи.
Во тек е и јавната пропаганда за референдумот која мора да заврши 48 часа пред датумот на одржување на референдумот.
Во однос на избирачките одбори, според предлогот на ДИК, избирачките одбори ќе имаат по тројца членови од постојните избирачки одбори од редот на јавната и државната администрација од Градот Скопје и Општина Центар.
Членот на ДИК Бедредин Ибраими потенцираше дека за првпат на ова изјаснување граѓаните нема да бидат обележувани. Ибраими појасни дека УВ-лабата беше укината и веќе нема законска одредба за нејзина употреба, а обележувањето со мастило беше укинато од страна на Уставниот суд.
Претседателот на ДИК Рилковски најави дека на следната седница Комисијата ќе расправа за претседателот на Општинската изборна комисија на Центар за кого опозициската СДСМ презентираше наводно прислушувани телефонски разговори.
– Моето лично мислење од она што го чув е дека претседателот на ОИК Центар треба да поднесе оставка, барем од морална одговорност, рече Рилковски.
Оваа седница, според него, треба д се одржи веднаш по велигденските празници. Рилковски исто така тврди дека во изводот од Избирачкиот список за Општина Центар се уште има адреси на коишто се регистрирани по 40 или 50 лица, но треба да се почека до крајот на увидот.
Инаку, разликата во бројот на избирачи во списокот од последните одржани избори во земјата во 2014 до 30 март годинава, според Рилковски, е околу 500 до 600.
