Советот на честа при Здружението на новинари изразува загриженост и го осудува непримерниот речник во реакцијата на Кабинетот на Претседателот на РМ, по повод текстот „Иванов во изолација на Водно“ објавен во весникот Вест.
Советот смета дека е неприфатливо државна институција во реакција потпишана од генералниот секретар Борис Јосифовски да користи вокабулар од типот „Вашите лични фрустрации, комплекси и недостаток на домашно воспитување остануваат само лично ваши“.
На овој начин се врши недозволива лична квалификација на претставник на новинарската професија, во случајот на главниот и одговорниот уредник Горан Михајловски, кој од друга страна преку својата долгогодишна кариера е докажан професионалец, стои во реакцијата на Советот на честа на преставката добиена од Кабинетот на Иванов.
Советот на честа го осудува и обидот за потценување на весникот од страна на Генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот со “најљубезната препорака“ – „сериозните теми да ги оставите на сериозни медиуми, а вие да продолжите да се занимавате со Вашите теми, својствени на вашиот медиум“.
Ова е обид за мешање во уредувачката политика, што може да се сфати и како притисок и удар врз загарантираната слобода на информирање, смета Советот на честа.
