Премиерите на шест земји од Западен Балкан ќе се сретнат во вторник во Брисел со цел да го разгледаат интегрирањето на копнениот, речниот и воздушниот сообраќај во регионот во заедничката европска мрежа, со што ќе се отстрани „сивата зона“ на транспортната карта на Европа.
Домаќини на средбата ќе бидат еврокомесарот за регионална политика и евроинтеграција Јоханес Хан и еврокомесарот за транспорт Виолета Булц.
Кабинетот на Хан соопшти дека на средбата, на која ќе присуствуваат премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, ќе бидат претставени првите конкретни предлози за проекти.
Косовскиот премиер Иса Мустафа ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Хашим Тачи, кој по средбата на т.н. „Западнобалканска шесторка“ ќе учествува во новиот круг од дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
