
Охрид заслужува повеќе и ние навистина правиме максимум колку што можеме да помогнеме во повеќе области каде тоа е возможно. Свесен сум дека има доста проблеми, свесен сум за секојдневието во Охрид, знам најизворно за вашите проблеми и знам дека мора да направиме нешто повеќе, иако и досега направивме многу нешта, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обраќајќи се пред присутните на народниот собир во Охрид.
Посочувајќи дека и опозицијата неодамна имаше настан во Охрид, рече дека токму таа го заглави Охрид во над 35 милиони евра долгови од кои, како што рече, глава не можеме да кренеме веќе две години, долг кој го враќа локалната самоуправа и кој досега е намален за 3 милиони евра, а исплатени се над 8 милиони евра камати.
– Е, тоа е истата опозиција која го удави Охрид во криминалии, во перење пари, во незаконски набавки и договори, истата опозиција која шуруваше со подземјето, чии експоненти со нога ја отвораа вратата на градоначалникот, го киднапираа и третираа како измеќар, град во кој изборите на СДСМ истите тие од подземјето му ги добиваа со купување гласови, со притисоци и закани кон граѓаните од сите заедници, а за возврат добиваа тендери и бизниси со општината, си креираа и договараа задолжувања и на најбрутален и безобразен начин го клекнаа Охрид на колена со 50 милиони евра долг, кој е голем за државата, а камоли за Охрид, рече Груевски.
Е тие луѓе, додаде, сакаат охриѓани да заборават на сите криминали и глупости на поранешниот градоначалник, на сите тие ликови кои го третираа Охрид како нивна приватна своина која треба да ја раскрчмат и ограбат.
– Но, Охрид не само што не заборава, Охрид враќа и затоа на изборите ВМРО-ДПМНЕ победи со толку голема разлика, затоа во два изборни циклуси по ред разликата во гласови е толку голема што не можат да најдат ниту еден единствен, ниту меѓу нивните, кои би им поверувал дека сме победиле заради нешто друго. Но, тоа е токму заради вистината, а тоа е поддршката на народот. Охриѓани враќаат и тоа така и треба. И ние сме свесни за тоа. Како што сме свесни и за очекувањата кои Охриѓани ги имаа од нас и од градоначалникот, очекувања кои беа доста високи, и со право високи, истакна Груевски.
Повторно осврнувајќи се на настанот на опозицијата во Охрид рече дека тогаш биле објавени работи кои ги сецкале и монтирале, притоа давајќи им некаков контекст со бомбастична најава која, како што рече, нема никаква врска со реалноста.
– И тоа не е за џабе што овој токму во Охрид го објави тоа со Господ, човекот е суеверен, има доста цркви низ градов и си рекол, право место да си ја пласирам оваа теза за себе, луѓево во Охрид се големи верници и може ќе поверуваат. Настрана тоа што веројатно, скраја било, тој самиот си верува во тоа. Всушност, не знае човек што е полошо, почудно и поналудничаво, така намерно да пласира сакајќи да убеди некого во тоа и притоа тоа да го прави од политички лукративни причини да привлече гласови на база на тоа дека е пратен од Господ или стварно да мисли самиот за себе дека Господ го пратил него од нивите во Муртино да ја ослободува Македонија. Но, ова би го оставил на стручни лица и аналитичари да го толкуваат, јас не сум најстручен во тие области, рече Груевски.
Зборувајќи за последното писмено обраќање на Бранко Црвенковски, рече дека тој им ги поматил сметките и им внел мала дилема.
– Ама, ќе им се разбистри за кратко, кога ќе си дојдат бранковистите и ќе им кажат, абе како не разбравте досега дека Бранко е всушност Господ. Тој го црпна овој од нива и го пушти слободно вака да си ја ослободува Македонија. Претходно добро го подготви и го лансираше во ѕвездите. Тоа е Бранко кога ќе те лансира, лансирано е, ѕвезда си. Можам да замислам како непријатно изгледало ова пиењето кафе меѓу Заев и Бранко, кое Бранко не го ни спомна, а Заев растреперен од радост и восклик го кажа на прес-конференција.
Можам само да замислам, додаде, како Бранко му зборел на овој, „браво Зоки, само напред, продолжи вака, многу си храбар, всушност ваква храброст досега не сум видел, чудо од храброст, потоа продолжил сигурно и не само што си храбар, туку си и многу паметен знаеш, мене ова не би ми текнало, вака да терам, генијалец си… и голем патриот си вака те гледам, стварно патриотски тераш, и Грците, а и едни други се целосно убедени во тоа, само продолжи вака“.
– Ај едниов што е марионета во сценариово, ќе си рече човек толку му сече, нека се радува, ама другиов што пробува да се претстави како некој нов да е, како да не го познаваме, демек сега се појавил во политиката, како да не го паметиме, како да не знаеме кој е и што прави, кој бил и што правел, е тоа не ми се верува вака кога го гледам. Но, како и да е, овие од нивните општински јако пробуваат да ги имитираат и тоа е најсмешниот дел во сета оваа трагикомедија, која ја спроведува СДСМ, рече Груевски./МИА